Обука за негователи на стари лица во Црвен крст Охрид, можност за добивање меѓународен сертификат и вработување
Граѓаните кои се заинтересирани да работат како негователи на стари лица можат да се пријават на конкурсот за обука која ја спроведува Црвен Крст Охрид. Во Охрид се поголем е бројот на стари лица на кои им е потребна помош и нега во сопствениот дом, а од друга страна станува збор за можност за вработување и остварување приход за лицата кои бараат работа или сакаат да се преквалификуваат.
„Моментално интересот односно потребата на граѓаните од Охрид е навистина многу голема такашто имаме голема потреба од луѓе коишто би сакале да ја работат оваа работа . Условите за работа се навистина многу добри , моментално Црвен Крст Охрид има склучено управен договор со Министерството за труд и социјална политика, такашто надоместокот односно платата на негователите е од страна на министерството и се работи за добри примања за моменталнава ситуација. Апелирам сите коишто се заинтересирани, коишто сакаат да работат, сакаат да помагаат на старите лица да се пријават во просториите на Црвен Крст Охрид.“ – вели Ранко Раткушиноски од ОО Црвен Крст Охрид.
Кандидатите во текот на обуката која трае 3 месеци и се реализира од стручен кадар во простории на Црвен крст Охрид, се стекнуваат со вештини и знаења за помош и нега на стари лица како и со високообразовен сертификат кој е меѓународно признат. Понатаму можат да бидат ангажирани преку Нега центарот на Црвен Крст.
„ Во однос на ангажманот сме во соработка со Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Охрид. По доставената потребна документација од страна на корисникот или член на семејството се изготвува решение од Центарот за социјални работи и според тоа решение се определува колку часа ќе биде анагажиран негователот односно личниот асистент, но не повеќе од 80 часа на месечно ниво или по 4 часа на ден.“ – вели Раткушиноски.
Црвен крст Охрид, согласно верификувана програма од страна на Центарот за образование на возрасните и Министерството за образование и наука досега има организирано четири обуки за негуватели за помош и нега на стари лица.
„ Имаме веќе од тие обуки ангажирано негователи преку Нега центарот кај лица на кои им е потребна помош во домот. Моментално располагаме со одреден број на негователи и сите ни се ангажирани, а потребите се големи. Некои негователи одат на две работни места односно кај двајца клиенти.“ – вели Раткушиноски.
Досега обучени и сертифицирани се 40 тина негователи од кои дел за комерцијални цели, а дел се вработени во Нега центарот на Црвен Крст. Што се однесува за лични асистенти на лица со попреченост досега Црвен Крст Охрид има спроведено две обуки и лиценцирани се околу 30 асистенти од кои анагажирани се 17.