Skip to main content

Кумови – претстава за кучешкиот живот и неизвесната иднина, нова премиера на Народен театар Охрид

Станува збор за деликатна, црна комедија на текст на Душан Ковачевиќ во режија на Билге Емин, каква што досега немало на репертоарот на охридскиот театар, беше истакнато на денешната прес конференција. Претпремиерата ќе биде изведена во сабота, 19 октомври, а премиерата е закажана за во недела.
 |  Маја Савиќ  | 

„Кумови“ на Душан Ковачевиќ во режија на Билге Емин е новата театарска претстава на охридскиот Народен театар која премиерно ќе биде изведена во недела. Темата е блиска до менталитетот и секојдневието на сите на балканските простори, а тоа е тешкиот живот и неизвесната иднина. Ова го истакна режисерката на денешната прес конференција и додаде дека нејзината соработка со охридскиот театар била иста како нејзините впечатоци за Охрид, инспиративен, космополитен и мирен. Тоа е млад театар кој го дава најдоброто во не толку добри услови во коишто работи, рече Емин.

„ Тоа што е важно кај Кумови е секојдневието на човекот од балканскиот простор којшто е секој ден во искушение со таканаречениот кучешки живот. Не се знае иднината, секој ден се мислиме што ќе биде утре и тоа не е во наши раце. Процесот на работа на претставата траеше околу 45 дена, работам со прекрасна актерска екипа. За мене беше многу убав процес. Освен актерската екипа, техниката кои се многу малку но со малку луѓе направија нешто што можеби десетмина прават. И на нив им благодарам.„ – кажа режисерката Билге Емин.

Со континуитетот на театарот што го имаме се трудиме да направиме нешто многу важно во овие моменти за културата во Охрид и во Македонија, а тоа е да се вратиме на живата интеракција која не смее да изумре, истакна директорот на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Горан Стојаноски.

„Во суштина феноменологијата на театарот е тоа да испровоцира емоции кои не се секојдневни, кои не можеме да ги видиме на никој од медиумите. Затоа и постои , за таа интеракција на живи битија на лице место. Затоа со сета сила се трудиме поголемиот дел од нашата пубика да ја внесеме внатре и да се вратиме на нешто што не би смеело да изумре , а тоа е вистинската комуникација очи в очи бидејќи од телефоните и социјалните мрежи ни е веќе смачено.“ – истакна Стојаноски.

Душан Ковачевиќ е исклучителен автор и текстот мене ме купи од прво читање, кажа актерката Адријана Билаловиќ Тодороска.

„Во текстот има многу суптилен хумор и има нешто многу интригантно и загадочно што го држи читателот, односно во конкретниов случај напретставата , гледачот, има нешто многу љубопитно што го држи вниманието до крај и сето тоа во комбинација со естетиката што ни ја понуди Билге мислам дека имаме добра претстава. Ќе го дадеме најдоброто од себе. Сакам да изразам благодарност до Билге за нејзиното огромно трпение кон нас. Беше убав процес, на моменти тежок, многу сум задоволна од резулатот.“ – рече Билаловиќ Тодороска.

Според актерот Никола Тодороски, Кумови е една деликатна комедија каква што досега немало на репертоарот на Охридскиот народен театар.

„ Би сакал да кажам збор два за ликот кој го толкувам. Се работи за еден обичен човек Милан кој е ставен во состојба да одбира да живее обичен, нормален живот, едно празно секојдневие или да го оствари неговиот сон и да биде поблиску до оние кои што ги сака. Не сакам да откривам детали затоа што деталите оваа претстава ја прават многу посебна.“ – кажа Тодороски.

Иако сме млад тетар сметам дека сме доволоно зрели за посмели приказни, а Кумови е една таква приказна, кажа актерката Елизабета Стефаноска Јандреовска.

„ Ја нарековме црна комедија, авторот е генијален и на многу лесен , комичен , нежно комичен начин раскажува многу болни и сурови теми, болни вистини кои верувам дека ќе стигнат до публиката и ќе го испровоцираат и кај неа она што го испровоцира кај нас. Мојот лик има една многу важна реплика која што вели: Човек на улица без работа и леб тој не е човек, туку куче. Тоа кога е во една комична ситуација навистина звучи лесно , а всушност е една многу страшна вистина и сметам дека публиката ќе го препознае нашиот труд .“ – кажа Стефаноска Јандреовска.

Во претставата покрај Адријана Билаловиќ Тодороска, Никола Тодороски и Елизабета Стефановска Јандреовска, играат и актерите Стрезо Стаматовски и Ивица Цонев.

Директорот Стојаноски, режисерката Емин и актерската екипа посебно го потенцираа трудот на техничката и креативна екипа. Драматург е Кристина Тодороска Петреска, сценографија: Татјана Христоска Бажевска, Костимографија: Марија Пупуческа, инспициент: Филип Ангеличин – Жура, тон: Никола Јосифоски, светло: Борис Велјаноски, шминка и фризури: Сашко Георгиески Арс Нова, грдероба: Деса Лазороска, Линдита Мерко, реквизита: Соња Крстаноска, Маријана Николоска, изработка на сценографија и сценски декоратери: Ѓоко Китоски, Горан Георгиески, Даниел Андрески, Кире Ангелоски.

Претпремиерата ќе биде изведена во сабота, 19 октомври со почеток во 20 часот. Премиерата е во недела во истиот термин. Билетите се во продажба по цена од 300 и 400 денари.