Стружанец по 19 години со договор на дело, остана без работа
Стружанец 19 години договорец, остана без работа. Димче Димоски дипломирал, бил стипендист на државата, како дефицитарен кадар во 2005 година. Речиси една деценија со договор на дело, работел во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија, неколку години работел приватно, а последните две бил ангажиран во Специјалната болница за нефрологија.
Новиот директор пред еден месец без никакво објаснување му го раскинал договорот.
„Барам објаснување од министерот за здравство зошто ми е прекинат договорот бидејки од директорот не добив никакво објаснување, ниту писмено, ниту усно зошто ми е прекинат договорот за дело, а на мое место се вработуваат исто така со договор на дело тројца нови колеги”, вели Димче Димоски.
Во време на недостаток на квалитетен стручен медицински кадар, наместо да се стимулираат професионалците, тие се бркаат од работа. Колегите од болницата сведочат дека на местото на еден професионалец се донесени тројца некомпетентни, дел од нив не го познаваат македонскиот јазик.
„Ние имавме навистина еден квалитетен стручњак човек кој што навистина ја познава својата професија до максимум, човек на кој што можеш да се ослониш во секој момент. На негово место ни се донесоа нови три лица кои не се едуцирани, не се компетентни”, изјави д-р Елизабета Димоска Чифлигароска од Специјалната болница за нефрологија.
Димоски е родител на две малолетни деца, бара од надлежните решавање на работниот статус. Директорот на Специјалната болница за нефрологија д-р Јетмир Зиба за случувањата најави став од следната недела.
Новинар Соња Рилковска