Skip to main content

Граѓански организации, месни заедници и граѓани бараат решавање на проблемот со депониите Буково и Мауцкер

20-тина граѓански организации, пет месни заедници од општина Охрид и голем број загрижени граѓани, се организираа во иницијатива „Збогум Буково“ со цел преземање активности за сензибилизирање на јавноста и барање од надлежните за ургентно решавање на проблемот со нестандардните депонии Буково и Мауцкер.
 |  инфодеск  | 

Групацијата „Збогум Буково“ составена од 20-тина граѓански организации, пет месни заедници од општина Охрид и голем број загрижени граѓани, се организира да преземе мерки за ургентно решавање на проблемот со нестандардните депонии Буково и Мауцкер.

-Во наредниот период со планираните активности сметаме на зголемување на бројот на поддржувачите на иницијативата и приклучување на поголемиот дел од граѓаните на Охрид и околните села. Првиот чекор е барање на средба со локалната самоуправа со цел уточнување на досега преземаните активности во насока решавање на проблемите со депониите како и планираните чекори во таа насока во идниот период, велат од „Збогум Буково“.

Оттаму потсетуваат дека со Националниот план за управување со отпад (2009 – 2015) оваа депонија е оценета како високоризична за животната средина и заради тоа требаше да биде затворена најдоцна до 2020 година.

Бараат Општина Охрид и општините од Југозападниот плански регион најитно да се договорат и вклучат во регионалниот систем за управување со отпад – да се надминат сите административни бариери и да се отвори регионалната депонија во Новаци, со цел да се заштити здравјето на над 50.000 граѓани на Општината; Итно да се покрие целото урбано и рурално подрачје со садови за целосна селекција на хартија, пластика, стакло и други корисни суровини,кои би ја намалиле запаливоста на депонијата и конечно да се изврши затворање и ремедијација на депонијата Буково од страна на искусни и докажани оператори во оваа област.

-Во моментов, ситуацијата со депонијата е загрижувачка, затоа што телото на депонијата е во запалена состојба, дополнето со површински пожар. Чадот, кој ги содржи најканцерогените и најмутагените диоксини и фурани е носен по природен пат по долината на Коселска Река и стигнува во градот и околните населби. Според препораките на УНЕСКО, депонијата „Буково“ требаше да се затвори до 2020 година, додека во Планот за затворање на нестандардни депонии во Р. С. Македонија, депонијата „Буково“ е ставена на листа од 25 приоритетни нестандардни депонии за решавање/затворање. Според Планот*, рокот за затворање на непрописните депонии (вклучително и на „Буково“) бил од 5.2021 г. – 10.2023 г. Овој рок не е испочитуван и Буково продолжува да го труе Охрид и да влијае врз здравјето на граѓаните и врз природата, вклучително и Охридското Езеро. Сепак, регионална депонија за Југозападен плански регион на кој припаѓа и Охрид се уште нема, а проблемот со загадување на почвата, воздухот, површинските и подземните води како и негативното влијание врз биолошката разновидност, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето од нестандардната депонија „Буково“ сеуште е присутно во општината, реагираат од Збогум Буково.

Оттаму констатираат декла и покрај напорите на надлежното комунално претпријатие за санирање на постојаниот пожар на депонијата, нема многу видливи ефекти, бидејќи проблемот е во телото на депонијата, кое е постојано во запалена состојба. Посочуваат дека најголем процент од отпадот се депонира измешан, без претходна секундарна селекција.

Ситуацијата е алармантна, што говори фактот дека токсичниот чад се спушта и на другата страна, во Ресен. Реагираат и бројните туристи во летниот период, а дел од патот Охрид – Ресен кај депонијата е црна еколошка точка, каде буквално не се дише. Ситуацијата ја влошуваат и дополнителните пожари кои се потпалуваат од собирачи на отпад, а по периметарот на депонијата нема ограда, велат од Збогум Букови

Апелираат на итно преземање мерки за конечно затворање на депонијата бидејќи, како што велат, нема нови рокови за пробивање, без здравје сѐ е ништо.