Николоски: Од Скопје до Охрид за час и половина
После 50 години најави започнуваме со реални работи на терен за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најтешката траса од автoпатскиот коридор 8 на запад, истакана заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при увид во градежните работи на изградба на автопатот Гостивар-Букојчани.
“Навистина мислам дека имаме историски ден. Се работи за почетокот на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево нешто за што се зборува преку 50 години, практично решавање на најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје – Кичево – Струга – Охрид, коридорот 8 познатата Стража. Така што, првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде час и двесет минути, час и половина. Целосно ќе го промени ова функционирање на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите. “- изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека конечно може да се види дека се работи на Коридорот 8 и истакна дека Македонија сака да ја види како главна крстосница во регионот.
Денеска за нас ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност – рече Мицкоски.
Автопатиштата од коридорите 8 и 10д кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ се во должина од 110 километри и чинат 1,3 милијарди евра, а треба да бидат завршени за 4 години. Предвидена е изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар ( 27 километри) на Коридорит 8 и делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д.