Skip to main content

Свечена академија по повод „80 години Слободен Охрид“

Охрид 80 години живее во слобода спечалена со жртвата и неизмерна љубов кон родната земја на најхрабрите синови и ќерки кои го ослободија градот од фашистичкиот окупатор. Охрид се развива и напредува благодарение на творењето и достигнувањата на низа гарѓани и денес е познат и признат во целиот свет. На сите нив им беше оддадена достојна почит и признание на свечената академија по повод јубилејот, „80 години Слободен Охрид“која се одржа вчеравачер во Центарот за култура „Григор Прличев“.
 |  инфодеск  | 

7-ми Ноември не е само историски датум, тоа е нашиот аманет, да ги водиме новите поколенија по патот на слободата, правдата и солидарноста. Верувам дека херојските стремежи на нашите предци, ќе бидат наш силен мотив во денешната политичка и дипломатска борба, да го сочуваме достоинството на нашата татковина и се што е македонско, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков во своето обраќање пред бројните гости и граѓани на свечена академија по повод јубилејот, „80 години Слободен Охрид“.

„Во текот на изминатите 80 години, бројни наши сограѓани, долга низа на охриѓани, вложиле своја енергија, знаење и труд во унапредувањето на Охрид. На овие простори, благодарение на големите дела, на неизмерната мудрост и културните достигнувања, создаден е град, кој денес е признат и ценет не само во Македонија, туку и во целиот свет. Сите наши претходници оставиле значаен печат, а ние свесно и одлучно си поставуваме цел да продолжиме кон уште поголеми остварувања.“ – кажа градоначалникот.

Пецаков додаде дека, лично за него, празникот на градот и месецот ноември имаат важна симболика и ги поврзува со моментот кога беше избран и назначен за градоначалник.

„Да се биде предводник на Охрид, да се работи за неговите интереси, да се чува неговото уникатно богатство, за мене е возвишено и бесценето уважување. Воден од вистински идеали, горд сум што во текот на изминатите три години, оваа локална власт покажа дека со труд и со посветеност, може да се постигнат значајни резултати. По принципот на транспарентност и отчетност пред граѓаните, овие резултати се сублимирани и наскоро ќе бидат презентирани.- кажа Пецаков во своето обраќање.

Свечената академија беше пропратена со богата културно-уметничка програма.

Во рамки на програмата беше изведен перформанс во кој преку креативна сценска изведба беа прикажани сите значајни периоди од историјата на Охрид и беа споменати дел од бројните истакнати охриѓани кои дале свој придонес за развојот на градот. Историскиот осврт кој беше користен за мултимедијалната изведба го подготви м-р Михаил Патчев, а на сцената настапија околу 500 учесници од сите општински основни и средни училишта. Перформансот беше придружуван од членовите на Охридскиот градски оркестар под раководство на Љупчо Аслимоски, Охридскиот градски хор под диригентската палка на маестро Бурим Хидри и членовите на КУД „Ѓердан од бисери“. За видео проекцијата со историски материјали од Охрид се погрижи Даниел Наумоски, а воведниот дел од настанот започна со проекцијата „Охрид од високо“ на младата фотографка Нина Ангелоска. На крајот на свеченоста на сцената беа поканети дел од значајните личности кои се уште творат, работат и го промовираат Охрид.