Skip to main content

Епохално археолошко откритие на локалитет во селото Корошишта во струшко

Непроценливо, епохално археолошко откритие во струшко Корошишта. Станува збор за архајска некропола каде се откриени стотина вредни археолошки артефакти, гробници со златни предмети и украси.
 |  инфодеск  | 

Епохално археолошко откритие на локалитет во селото Корошишта во струшко. Откриени стотина артефакти од непроценливо значење, златен надградник, два златни прстени, повеќе златни предмети и украси… Се работи за монументална гробница, односно два гроба на маж и жена за кои се претпоставува дека потекнуваат од елитата, аристократијат,а со оглед на богатите подароци пронајдени во гробот.

Според археолозите ова е историски момент и за балканската и за европската археологија.

-Сите останати наоди таму покажуваат дека покојникот кој е погребан таму и  според гробната архитектура јас би рекол дека е импозантна, 7,5 метра должина со 4,5 метра ширина тоа  ги надминува  досега сите познати архајски некрополи на Балканот, не во Македонија. Дното на гробницата е на 5 метри длабочина и може да замислите колку труд и посветеност требаше, изјави Перо Арџанлиев археолог.

Архајската некропола Корошишта станала предмет на интерес на Археолошкиот музеј пред четири години, кога сопственик на нива случајно пронашол бронзен шлем кој го предал во Завод и музеј Охрид.

-Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период 6 век пред Христа, кое по многу нешта наликува на далеку познатата Требенишка некропола која е во неспосредна близина. Со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена”, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Овие откритија докажуваат дека заштитата на целиот Охридски регион е оправдана, бидејки не само во Охрид, туку вредно културно-историско наследство има и во Струга и Дебрца.

– Повторно со овие откритија се потенцира важноста на тоа што границите на универзалното исклучително природно и културно наследство се простираат длабоко на северната обала од Охридското езеро, но и многу луѓе се прашуваат зошто, но ова е една потврда затоа што треба да се знае дека границите на охридскиот регион кој е заштитен под УНЕСКО се наоа и во гранците на Струга, општина Струга Дебрца покрај општина Охрид, изјави Горан Патчев директор на Завод и музеј Охрид.

Пронајдените артефакти ќе бидат конзервирани, а потоа и изложени за јавноста во Археолошкиот музеј Скопје.

-Ќе ги  конзервираме предметите овде во Завод и музеј Охрид,  а потоа се надеваме како што деновиве се договараме дека можеби ако продолжиме со исѕражувањата ќе ни треба нов Музеј на архајската култура во Македонија, изјави Славица Бабамова директор на Музеј за археологија.

Локалитетот соодветно е обезбеден и заштитен, неговата точна локација не се открива во јавноста со цел да се заштити од дивите трагачи по богатство. Археолошките истражувања ќе продолжат и во иднина археолозите очекуваат повеќе гробници со богати археолошки наоди.

Новинар Соња Рилковска