Skip to main content

Збогум Буково: Време е да се разбудиме, и ние граѓаните и надлежните

Депониите кои го загрозуваат здравјето на граѓаните се национален проблем и време е да се разбудиме и нивното решавање да го направиме приоритет, порачуваат од граѓанската иницијатива „ЗБОГУМ БУКОВО“. Тие утре на градскиот плоштад со информативно едукативен настан го започнуваат своето делување кое има за цел подигнување на јавната свест и притисок врз надлежните за да се откочат и придвижат процесите за изградба на регионална депонија во новаци и конечно затворање и санирање на дивите депонии.
 |  инфодеск  | 

Утре на пладне на градскиот плоштад во Охрид граѓаните ќе имаат можност да се информираат за штетните ефекти на дивите, нестандардни депонии Буково и Мауцкер врз здравјето, што значи постоењето на стандардна депонија, да поставуваат прашања на стручни лица и активисти, а воедно оние граѓани кои сакаат ќе можат официјално да дадат поддршка на граѓанската иницијатива „ЗБОГУМ БУКОВО“. Со овој информативно-едукативен јавен настан групацијата која досега обединува над 50 граѓански организации, месни заедници и здруженија на пациенти го започнува своето делување, беше кажано на денешната прес конференција.

Време е да се разбудиме, и ние граѓаните и надлежните, и решавањето на проблемот со депониите да ни стане приоритетно бидејќи за здравјето се работи, велат од Збогум Буково.

„ Барањата се следни: бараме итно да се започне со спроведување на регионалниот план за управување со отпад, да се следат сите потребни процеси , изградба на регионална депонија во Новаци, санирање на Буково и Мауцкер, кога велам санирање мислам со сите неопходни работи кои ќе ги изврши докажан оператор, да не импровизираме, да не пронаоѓаме алтернативни решенија на своја рака. Јасно ни е дека процесот е доста комплексен сигурно ќе биде и долг и токму од таа причина бараме што поскоро да се започне со било каква реализација. Време е веќе. Проблемот не само локален туку национален и треба да е приоритет на државата и на сите локлани самоуправи во регионот. Мислам дека треба сите да се обединиме , да покажеме дека како заедница можеме да изградиме одржлива и здрава иднина за нашите деца.“ – кажа Симеон Карашов од иницијативата Збогум Буково.

Првиот чекор на иницијативата е спроведување активности за информирање и едуцирање на граѓаните и подигнување на јавната свест за проблемот и што ќе значи за нив доколку се реализира планот за регионална депонија.

„Јас мислам дека запознавајќи ги граѓаните со тоа што се случува на Буково на некој начин би им ставиле одговорност и нив и дека само тогаш би се презело нешто. Затоа што клучно е свеста на луѓето, на нас кои живееме овде, да се подигне и не само во однос на селекција на отпад, но воопшто како го продуцираме и начинот на кој го менаџираме отпадот. За Буково конкретно жално е да се каже дека е депонија , тоа е едно диво ѓубриште кое е тука од 1973 год чинам, веќе 50 години таму и ние како туристички центар се уште се мачиме со оваа горлива тема. Наша најголема надеж, што е клучно , е младината и нивната свест. Доколку ние се освестиме што се случува таму, што правиме со ѓубрето и како треба да го менаџираме, мислам дека тогаш веќе ќе имаме правец и дека за некое кратко време би се решило. “ -кажа Александар Булески – граѓански активист.

Оваа наша иницијатива не е насочена кон некого, не е против некого. Сакаме сите да ги привлечеме кон нас да се приклучат, да не поддржат затоа што се работи за здравјето на сите нас, на нашите блиски, за здравјето на идните поколенија и не знам кој е тој што тоа нема да го поддржи. Имаме ние Министерство за животна средина и ПП , имаме Министерсво за транспорт и врски, имаме во Локална самоуправа сектори. Ако тие не знаат како треба, ќе бараме чаре. 5-10 луѓе да заминат Словенија да видат како е тоа таму направено и кај нас да го применат. Наједноставна работа. Ништо не е ново. Ова не е проблем што надлежните не го знаат. На секои избори ветуваат дека ќе го решат Буково, ќе поминат 4 години никому ништо. – кажа Ѓорѓи Љатко – поддржувач на иницијативата.

Паралелно од иницијативата планираат да воспостават комуникација со надлежните со цел транспарентност за тоа како се одвиваат процесите кои треба да доведат до регионален систем за управување со отпадот.

Локалната самоуправа е запозната. Се уште не сме добиле одговор на барањето да се сретнеме. Притисок врз локалните самоуправи од регионот , пристисок врз министерството, притисок врз највисоките позиции во државата, Владата, бидејќи приоритетот не постои никаде, а станува збор за национален проблем. Сакаме да добиеме план за тоа како планираат да го прават во фази и да имаме увид како се изведува, кој го изведува, апсолутна транспарентност на процесот за да можеме да направиме граѓанска контрола којашто е најнормална во демократско општество . Ние ќе бидеме тука и не отстапуваме додека не видиме сериозно реализирање на фазите кон изградба на регионалната депонија, санирање на Буково и Мауцкер, поставување сериозен систем за селекција на отпад , примарна, секундарна , се што пишува во планот , планот постои, пари постојат, треба само да најдат волја политичките актери да седнат и да изнајдат решение, да видат каде е закочена работата и да ги надминат.“ – кажа Драгана Карашова од Збогум Буково.

Од „Збогум Буково“ потенцираат дека нивната цел е поддршка на процесите бидејќи како иницијатива обединуваат организации и луѓе кои работат на подигнување на јавната свест во доменот на селекција на отпад, рециклирање, екологија и кои можат да дадат сериозна поддршка на надлежните во воспоставување на еден одржлив систем за менаџирање со отпадот. Јасно е дека процесот ќе биде долг, но нема да отстапиме додека политичките актери не изнајдат волја приоритетно и сериозно да пристапат кон изградба на регионалната депонија, децидни се од Збогум Буково.