Германија го заврши шестмесечниот експеримент со четиридневна работна недела
Германија го заврши својот шестмесечен експеримент со четиридневна работна недела во кој учествуваа 45 компании. Две компании доброволно се откажале во текот на експерименто, а две други биле исклучени од евалуацијата, Резултатите покажале дека повеќето компании решиле да продолжат со истиот начин на работа.
Јулија Бакман, водич на пилот студијата, вели дека вработените генерално се чувствувале подобро со помалку часови и останале исто толку продуктивни како и со петдневната недела, а во некои случаи биле и попродуктивни. „Учесниците пријавиле значителни подобрувања во менталното и физичкото здравје, и покажале помалку стрес и симптоми на исцрпеност, што е потврдено од податоците од паметните часовници кои ги следат секојдневните минути на стрес.“, изјавила за Дојче Веле.
Од 41 компанија што учествувале во експериментот, повеќе од 70% изјавиле дека планираат да продолжат со проектот. Некои рекле дека ќе ја продолжат пробната фаза, додека други размислуваат за директно спроведување на намалените часови.
Инаку, 17% од Европејците работат со скратено работно време. Податоците покажуваат дека уделот на вработени жени со деца ангажирани со скратено работно време е поголем од оној на жените без деца во сите земји на ЕУ, освен во Данска, Финска, Летонија, Грција и Романија.