Skip to main content

Во понеделник премиерно ќе се одржи претставата „Земја на штркови“ на Театар Провокација

Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија.
 |  инфодеск  | 

Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума! Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини.

Премиерата на претставта е закажана на 18 ноември во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид во 20 часот, цена на билетот е 300 денари.

Претставата е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а е во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата на „Земја на штркови“. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука, автори на музиката: Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокал: Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати – Кери. Во претставата играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.

Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании: ELENA LUKA, @DIAS, @kuferi.com, Badel Pelinkovac Galena и медиумските покровители.