Ангелов: Оваа зима снегот нема да нè изненадени
Државата е подготвена за претстојната зимска сезона, за врнежите од снег, истакна денеска на прес конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Ваквиот заклучок доаѓа по одржаниот координативен состанок со повеќе државни институции на кој биле разгледани капацитетите за одржување на патиштата и подготвеноста за благовремено пружање на помош на граѓани во зимски услови.
„Оваа година надлежните институции нема да бидат изненадени, бидејќи капацитетите на ЈП за државни патишта, како и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта се целосно подготвени. Бројот на камиони е доволен за територијата на државата, истакна Ангелов.
Додаде дека во случај на потреба на сопирање на сообраќајот на некои критични точки, особено пред превоите, во случај на снежни наноси, МВР ќе испрати засилени екипи. ДЗС на располагање има два тима со возила со гасеници кои се оспособени да отидат до тешко пристапни терени доколку е потребно да се пружи помош за некој загрозен граѓанин. Исти возила и опрема има и ПСС во Охрид, посочи Ангелов. Тој упати апел до граѓаните безбедноста секогаш да им биде на прво место.
„Апелирам граѓаните во претстојниот период да користат зимска опрема, особено зимски гуми и да имаат ланци. Но најдобрата препорака е доколку немаат неопходна потреба, да не излегуваат непотребно на патишта каде има превои односно места каде патиштата минуваат на околу 1000 метри надморска височина. “ – потенцира директорот на ЦУК.
Ангелов нагласи дека камионите за чистење на снег имаат обезбедено доволна количина на сол и веднаш ќе излезат на терен кога за тоа ќе има потреба, но условите на патиштата во зима се непредвидливи и потребно е граѓаните да бидат посебно внимателни и да ги следат прогнозите на УХМР пред да тргнат на пат.