Skip to main content

Ребаланс и расправа за реализацијата на капиталните проекти ветени на граѓаните

Советниците на денешната четириесет и осма седница расправаа и ги усвоија измените на програмите и ребалансот на буџетот за 2024 година во кој се вметнати и проектите кои ќе се реализираат со средствата одобрени од Владата. На седницата се разви дискусија за тоа колку локалната власт реализира капитални проекти.
 |  Маја Савиќ  | 

На денешната 48 седница на Совет на Општина Охрид со 13 гласови ЗА и 5 ВОЗДРЖАН беше усвоена одлука за измени и дополнувања на буџетот за тековната година. Ребалансот се должи на измени во повеќе програми како и поради средствата кои општината ги доби од државата за реализација на инфраструктурни проекти.

И овој ребаланс наликува на сите досегашни кои ги носевме во изминативе три години, со тоа што големите проекти коишто им беа ветени на граѓаните се одложуваат, посочи советничката од СДСМ Живка Ангелоска.

Барем сега за сега ниту еден од големите носечки проекти коишто беа ветени пред граѓаните на локалните избори не е реализиран, а голем дел од нив не се ни започнати. Меѓутоа ете поминаа три години, јас се надевам и посакувам во нареднава година како што кажа и градоначалникот, да ги реализирате тие големи проекти, а со оглед на краткиот период , барем да ги започнете .„- кажа Живка Ангелоска -советничка СДСМ.

Иако буџетските средства се зголемени за 10% поради што и се врши ребаланс сепак расположливите средства на општината не се доволни за реализација на сите проекти, кажа Тони Иваноски од Сектор за комунални дејности. Тој посочи дека поради дотраената канализациона и водоводна мрежа градот и јавните претпријатија се соочени со големи трошоци за поправка на дефекти што понатаму предизвикува оштетувања на коловозите за чија санација само годинава биле потрошени двојно повеќе средства од лани. Но и покрај тие трошоци, реализацијата на крупни инфраструклтурни проекти не заостанува, кажа Иваноски.

Јас ќе напоменам дека само последнава година 2024 во тек е изведба и во завршна фаза канализација во Горно и Долно Лакочереј со можност за приклучување на Орман во посебна пречистителна станица, објект кој според нашите проценки ќе има вредност од 1мил евра и ќе биде користен од околу 4 000 жители ако ја земеме населбата Орман и перпективно она што се урбанистички планови предвидени во Чекоштина.“ – кажа Тони Иваноски – Сектор за комунални дејности.

Иваноски наброја неколку проекти кои се во тек на реализација како улицата „Гоце Делчев“ финансирана со помош на дел од средства од ТАВ преку Владата во износ од 1 мил евра која ќе биде завршена деновиве, потоа реконструкцијата на училиштето во населба Радојца Новичиќ кое следната учебна година ќе биде ставено во функција, а за новата спортска сала во основното училиште во Лескоец кое е во градба, поради одредени недостатоци на проектот и конфигурацијата на земјата ќе се гради потпорен ѕид за кој деновиве ќе се распише тендер и ќе се реализира.

Значи крупните проекти коишто се во програмата на градоначалникот не затајуваат , се реализираат. Сакам да ве известам дека и онаа велосипедска патека за којашто веќе зборуваме 3-4 години е во фаза на изведба на основен проект и очекуваме да се заврши тој проект и по добивање на согласнот од ЈП за државни патишта би започнала реализација такашто пред летната сезона очекувам дека ќе имаме и велосипшедска патека на тој дел.“ – рече Иваноски.

Секретарот на Општината Александар Китески се надоврза на дискусијата за капиталните проекти споделувајќи информација со советниците дека Секторот за урбанизам издал одобрение за изградба на пречистителната станица во с. Трпејца, проектот е финансиран преку Министерството за транспорт и врски, а за катната гаража и плоштадот Чинар одобренијата од Министерство за транспорт и врски ќе бидат издадени до крај на оваа година. Локалната власт по добивање на одобренијата планира да аплицира за добивање средства од следниот повик на владата предвиден за почетокот на другата година.

Советникот од ВМРО НП Ванчо Костоски во врска со државната помош за општините за реализација на инфраструктурни проекти побара информација дали средствата ќе бидат на посебна сметка на Министерството за финансии кое ќе ги исплаќа фактурите по добиените тендери место дирекно да се доделат на управување на општините.

Исто така од она што можеше да се слушне досега е дека ќе има и авансно плаќање од 20% за овие проекти, иако во минатото тоа беше критикувано.“ – рече Ванчо Костоски ВМРО НП

Средствата ќе се исплаќаат од буџетот на Општина Охрид, од посебни наменски сметки отворени во трезорот на РМ такашто контролата врз нив ќе ја има исклучиво општината, со можност за увид и од страна на Министерството за локална самоуправа, објасни Иваноски .

Авансот од 20% е согласно Закон за јавни набавки. Се сложувам дека во минатото таква практика не постоела , но бидејќи има проекти со поголеми износи за да се обезбеди и дополнителна конкуренција за оние фирми кои се на работ на ликвидност да можат да учествуваат одлука е на општинава по препорака од Министерството за локална самоуправа да се доделат 20% авансно покриени со банкарска гаранција како заштита за општината.“ – објасни Иваноски.

Во бурната дискусија за ребалансот советничката Живка Ангелоска побара и објаснување зошто станува пракса за одредени манифестации и активности откако ќе бидат релаизирани да се бара ребаланс на буџетот односно зголемување на средствата.

Во случајот се работи за Фестивалот на водени спортови . Ако некој сам си ги проектирал средствата и навел дека се движи во таа рамка не е во ред постојано , значи три години ние откако ќе биде реализирана целата активност , после меесец , два , три или пет правиме ребаланс и менуваме средства во однос на тој дел.“ – рече Ангелоска и додаде дека секогаш ги поддржуваат манифестациите и спортовите и дека не и е целта да критикува.

Јоне Станкоски од Сектор за јавни дејности кажа дека носител на Фестивалот на водени спортови е Општина Охрид но истиот се спроведува преку Здружение на граѓани формирано од спортските клубови. На 14 спортски клубови кои се дел од фестивалот општината по завршување на истиот им доделува дополнителни средства како поддршка за во наредниот период.

Меѓутоа поради зголемен обем на трошоци во организацијата на фестиалот не беше во можност да ги додели со предвидениот буџет и затоа дополнително се бараат овие средства за фестивалот да трансферира дополнителни средства кај клубовите за спортови на вода . Тие се препознатлив белег на Охрид и треба што повеќе да се вложува во нив. 90% од нив се олимписки спортови, еколошки се што е една од целите на фестивалот заштита и промоција на Охридското езеро и дополнително водат до развој на спортскиот туризам.“ – кажа Станкоски.

Инаку на денешната седница на Совет поминаа сите точки на денвниот ред кој беше надополнат со една одлука од урбанистичката сфера. Меѓудругото беше донесена одлука за за долгорочно задолжување на Општина Охрид во рамки на Проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор како и за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу општина Охрид и општина Неготино.