Skip to main content

Три охридски основни училишта ќе станат целосно енергетски ефикасни до 2026-та

Проектите за енергетска ефикасност ќе се реализираат со средства од кредит од Светска банка и од буџетот на општина Охрид  во вкупна вредност од 1,3 милиони евра. Советниците на последната седница дадоа зелено светло за задолжување за оваа намена.
 |  Маја Савиќ  | 

Основните училишта „Христо Узунов“ ,  „Братство и Единство“ – Лескајца и  „Св Климент Охридски„ ќе станат целосно енергетски ефикасни. За реализирање на проектите во овие три училишта општината ќе се задолжи со  долгорочен кредит во износ од 600 000 евра од Светска банка, за што дозвола даде градскиот совет на последната седница. Дел од советниците од опозицијата против тоа вакви проекти да се реализираат по пат на задолжување.

Не сум поборник за задолжување, мислам дека пред 7-8 месеци имаше прес на кој беше кажано дека општината е раздолжена, дека со полна пареа се оди напред, дека буџетот се оствраува, дека 85% е во овај момент остварен и дека со месец септември беше остварен над 70% и владата според законот даде дополнителни 10 % да се зголеми буџетот што ние го направивме такашто мислам дека можевме овие работи да ги направиме и со буџетски средства, можеби не толку брзо, малку подоцна, меѓутоа не ќе имавме задолжување.“ – кажа Ванчо Костоски, советник од ВНРО НП.

Советничката од Левица, Виолета Аврамоска смета дека општината место да се задолжува, подобро би било со овие проекти за енергетска ефикасност да аплицира на повикот на Владата која им стави на општините на располагање 250 мил евра за инфрструктурни проекти. Советничката упати критика до локалната власт дека од 10-те проекти со кои аплицираше на првиот повик само за три може да се каже дека се капитални.

Другите се реконструкции  на улици. Сметам дека реконструкција на улица не е капитална инвестиција туку тековни обврски на општината Охрид кон единствениот инвеститор во општината а тоа се граѓаните за подобрување на условите за живот. Освен тоа имате најавено во следната година дека владата повторно ќе оддели средства за капитални инвестиции за општините па сметам дека можно е да се аплицира за овој проект за енергетска ефикасност од следната година. Значи мојот став е да го избегнеме задолжувањето затоа што ова задолжување, овој кредит долгорочен не е задолжување на општина Охрид како институција туку всушност задолжување на охриѓани како граѓани.“ – кажа советничката Аврамоска.

Проектите за енергетска ефикасност на трите училишта се изработени. Тие опфаќаат топлинска изолација на надворешни ѕидови и кров на училишните згарди и фискултурните сали,  мерки за модернизирање на осветлувањето односно замена на постојното со лед светилки и рефлектори, замена на алуминиумски и дрвени прозори и врати со ПВЦ дограма ,  оставување на нов систем за греење со топлински пумпи и друго.

По оваа одлука на совет следува потпишување на договорот и може да започне постапката за тендерирање на сите три училишта и нивна реализација во текот на 2025 и евентуално 2026 година.  Трите училишта ќе бидат комплетно завршени во делот на енергетска ефикасност. Значи 600 000 евра е задолжување, заклучно со 2031 година би требало да заврши исплатата на кредитот, додека 150 000 евра се грант од Светска банка.“ – кажа Јоне Станкоски – Сектор за јавни дејности.

Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор е започнат во 2022 година Вкупната вредност на инвестицијата во трите училишта е 1 370 000 евра од кој износ скоро половина е учество на Општина Охрид од сопствени средства.