Градот Охрид доби Охридски календар
Од печат излезе првиот Охридски календар. Станува збор за еден алтернативен начин на презентирање на историјата на градот Охрид. За секој ден во годината во календарот се поместени важни настани и личности од историјата на градот хронолошки од средновековието до денес. Охридскиот е прв ваков календар во државава и е резултат на долг истражувачки процес, вели авторот, историчарот Никола Митровиќ.
„На овај Охридски календар работев долго време истражувајќи ги одредени датуми кои не може сите да ги пронајдете ниту на интернет , ниту по одредени охридски хроники, туку можете да ги пронајдете со длабоко копање би рекол во архивите во Државен Архив и во охридскиот Архив такашто подолго време се работеше на овај Охридски календар и навистина алтернативниот начин на пристапување на историскиот развиток на градот Охрид е доста интересен.“ – вели Митровиќ.
Идејата е граѓаните да имаат секојдневен допир со историските настани, бидејќи ретко кој секој ден чита некое печатено историско дело или монографија, вели Митровиќ. Охридскиот календар на некој начин дава за секој ден во годината по еден или два интересни податоци како потсетување на она што е богата историја на градот и тема за разговор.
„Случајно го отворив месец август, такашто би укажал дека на 6 – ти август 1923 год ѕвоното од Михајло Пупин било поставено на камбанеријата на црквата Св Богородица Перивлепта, потоа на 30-ти август 1903 год во борба со турскиот аскер загинува Наум Златарев кај с. Куратица, на 28-август 1936 та е формирано драмско пејачко друштво.
Мислам дека е интересна тематика и алтернативен пристап на историјата кој е доста популарен сега во светот ,такашто и отвора и тема за разговор. Кога вие ќе видите што се случувало на тој датум вие можете да пристапшите кон разговор кон истражување. Со тоа всушност се покажува љубовта кон градот. “- вели Митровиќ.
Календарот е испечатен во тираж од 1000 примероци во мал формат со надеж дека некое идно издание ќе биде во поголем формат, па и во дигитална форма со можност да се дополнува со историски датуми. Во првото издание на Охридскиот календар има околу 450 до 500 податоци, а уште 200 стојат како резерва да се дополни во иднина.