Skip to main content

Охриѓани уште две години ќе почекаат за да запливаат во нов затворен базен

Објектот чија изградба започна пред 10 години се уште не е завршен. Објектот е готов околу 60%, но поради одолговлекувањето во изградбата и она што е на почетокот изградено почнува да се распаѓа и ќе биде потребна санација.
 |  Маја Савиќ  | 

Над 300 дечиња ги посетуваат летните школи за пливање на охридските клубови, а оние талентирани охриѓанчиња кои посветено тренираат во текот на целата година принудени се на импровизации бидејќи Охрид и по 10 години од почетокот на изградбата се уште нема затворен базен. Тренинзи одржуваат во базени во хотелските комплекси, а од неодамна започнаа да го користат пливачкиот базен во Струга што пак, е врзано со трошоци за транспорт.

„Во нашата пливачка школа во летниот временски период учествуваат преку 150 дечиња и жално е што нив правото да тренираат и во зимскиот период им е ускратено. Неопходно е да има услови, покриен пливачки базен за да можиме континуирано да работиме и во лето и во зима. Доколку не се отвори покриениот базен во Охрид за жал пливањето ќе стагнира“– вели Славчо Цветкоски- пливачки тренер.

Идните Леко Радиќ или Атина Бојаџи, но и сите кои сакаат да се рекреираат ќе почекаат уште најмалку две години за да запливаат во градскиот базен. Објектот е готов околу 60%, но поради одолговлекувањето во изградбата и она што е на почетокот изградено почнува да се распаѓа и ќе биде потребна санација.

„Голема потреба има,ама ете повеќе партии се замешани,едната гради другата го стопира тоа. Треба да се отвори и што поскоро“, вели еден граѓанин.

„Не можеме без базен да развиваме пливање“.

„Јас сум љубител,години одам по приватните,има неколку по хотелите што е исто така супер можност,но мислам дека би било подостапно за поширок круг и подостапни цени би биле“.

Проектот е на агенцијата за спорт и млади која годинава се трансформира во министерство и првиот министер за спорт, Борко Ристовски најави дека ќе се раскине договорот со фирмата која 9 години го гради затворениот базен и ќе се бира нов изведувач со задача во најбрз моен рок да го заврши овој значаен објект.

„Последниве три години гледаме дека воопшто нема ни работници ниту нешто воопшто се работи на овај базен. Она што го имам јас како информација е дека со стариот изведувач договорот е раскинат , сега ќе треба нов изведбен проект да се направи , да се види до каде е стигнато со изградбата и оттука да се продолжи со нов изведувач.“ – вели Теодор Андоноски- директор на ЈП “Билјанини Извори“ Охрид.

Затворениот пливачки базен во Охрид според проектот ќе има два базени мал за почетници и голем со ватерполо димензии. Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта, како и спа и велнес центар. Затворениот базен ќе овозможи враќање на врвното пливање и ватерполото во Охрид, но во истовреме и развој на спортскиот туризам. Со објектот според планот ќе стопанисува ЈП Билјанини Извори кое ќе треба да го одржува.

„ Точно е дека одржувањето на базенот е скапа работа , меѓутоа како што е проектиран базенот со топлотни пумпи , тие се најекономични за загревање на водата и воопшто на целиот објкет. Доколку се постават фотоволтаици драстично би се намалиле трошоците за одржување на овај објект. Исто така во овој објект е планирано да има и дуќани, ресторан, вежбални и магацински простории и од нивно издавање би се земала кирија што ќе помогне за покривање на трошоците за одржување.“ – објаснува Андоноски.

Изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид започна во ноември 2015-та година и требаше да биде завршен до почетокот на 2018-та година, но рокот на двапати беше продолжуван и како следни крајни рокови беа зададени 2020, односно 2021 год .