Објавени јавните повици за концесии за комерцијален и рекреативен риболов на Охридско Езеро
Министерствотo за земјоделство, шумарство и водостопанство ги објави јавните повици за концесии за вршење комерцијален риболов и организирање на рекреативен риболов на Охридско Езеро.
Со новиот Закон за рибарство се направени нови риболовни основи, односно нов пристап во користењето и заштитата на рибниот фонд во Охридското Езеро. Езерото е поделено на 7 риболовни зони наменети за комерцијален риболов и тоа риболовна зона „Радожда“ , „Калишта“ , „Струга“, „Воска“ , „Охрид“ , „Пештани“ и „ Трпејца“. Секоја зона се доделува на користење за период од 12 години на правното лице кое ќе даде највисока понуда и кое ги исполнува условите. Концесионерот, меѓудругото, треба да има вработено потребен број лица – рибочувари предвидени во риболовната основа, да поседува или користи најмалку еден пловен објект и техничка опрема за вршење на контрола и надзор.
Од министерсвото сметаат дека на овој начин ќе има подобра заштита на рибниот фонд на езерото од рибокрадци кои со децении ја уништуваат популацијата на пастрмката и белвицата. Истиот став го делат и рекреативните риболовци.
„Ако сум јас еден од нив кој стопанисува со одреден дел ќе си го штитам својот дел,да не влезе некој да ми краде риба,оти јас таа риба треба да ја продадам,да платам рибочувар,рибари и да заработам нешто. Изминатите години имаше еден концесионер и не се водеше доволно сметка за Охридското Езеро,за сите делови подеднакво“. – вели Димче Мајковски – Здружение на рекреативни риболовци „Св.Апостол Петар“ Охрид.
Мајковски смета дека инспекторите од Охрид и Струга ,како и од Државниот инспекторат треба целосно да го почитуваат законот во однос на договорите со концесионерите и уште повеќе одредбите кои се однесуваат на прекршителите односно рибокрадците.
„Иако излезе нов закон повторно се ставени мали казни. Повторно е ставено кога ќе го најде,прекршок,прво опомена,па после казна од половина, па тие работи. Тоа мислам дека треба да се укине. Ни на Запад,ни во Австралија,ни во Америка не простуваат ако погрешиш“.– вели Мајковски.
Во однос на рекреативниот риболов езерото е прогласено за една зона. Рекреативна зона „Охридско Езеро“ го опфаќа и каналот Студенчишта како и Коселска Река, Велгошка Река, реките Черава и Сатеска и нивните притоки, освен деловите на водната површина на езерото определени како риболовни зони, изворите кај „Свети Наум“ и заштитените зони во езерото на кои е забранет риболов со закон. На некои делови ќе може да се рибари од чамец, а ќе се врати и рекреативниот риболов со блинкер.