Црвен крст Охрид го одбележува Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА
1-ви декември, Светски ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2024 г.), Црвен крст Охрид го одбележува со низа активности во рамките на светската кампања под мотото „ЗАЕДНО ВО БОРБА ПРОТИВ ХИВ/СИДА“ потенцирајќи го значењето и важноста од заедничкото делување во борба против СИДА-та. Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога.
Се проценува дека во текот на минатата 2023 година, 39,9 милиони луѓе ширум светот живееле со СИДА, 1,3 милиони луѓе заболеле од СИДА, а околу 630 милиони луѓе починале од причини поврзани со оваа болест.
Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние кои живеат со ХИВ, Црвен крст Охрид ќе реализира низа активности.
Денес 1 декември, волонтерите на Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта на минувачите, посетителите ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА.
Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците, во текот на Неделата на борба против СИДА (1-7 декември) да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита.
Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите врснички едукатори во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.
Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.
И оваа година активностите во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се во соработка и со поддршка од Canadian for Children at Health Risk од Канада, информираат од Црвен крст Охрид.