Skip to main content

Панел дискусија на тема „Збогум Буково и Мауцкер“ во четврток во Касарна Хаб

Панелот ќе понуди можност за транспарентно излагање на досегашните чекори спроведени според Планот за управување со отпад во југозападниот и пелагонискиот регион, пречките во неговото остварување, здравствените проблеми што настануваат со ненавременото решавање на овие еколошки проблеми и улогата на граѓанскиот сектор во изнаоѓање на конструктивни и оддржливи решенија.
 |  инфодеск  | 

Во четврток, на 5-ти декември ќе се одржи панел дискусија на тема „Збогум Буково и Мауцкер“, во организација на иницијативата „Збогум Буково“.

Учесници на панелот ќе бидат: Ана Каранфилова Мазневска, раководител на секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, Емил Ангелов, лидер на тимот одговорен за спроведување на проектот за оддржливо управување со отпад во Македонија поддржан од SALAR International, проф. д-р Драган Ѓорѓев, специјалист по здравствена екологија и Блаже Јосифовски, претставник од граѓанскиот сектор, Go Green од Скопје, експерт во одржливо управување со отпад и концептот на нула отпад во општините.

Панелот ќе понуди можност за транспарентно излагање на досегашните чекори спроведени според Планот за управување со отпад во југозападниот и пелагонискиот регион, пречките во неговото остварување, здравствените проблеми што настануваат со ненавременото решавање на овие еколошки проблеми и улогата на граѓанскиот сектор во изнаоѓање на конструктивни и оддржливи решенија. Ова е можност да се постават прашањата што сите си ги поставуваме во меѓусебните разговори и да се учествува во една продуктивна дискусија којашто треба да не донесе поблиску до моментот кога ќе кажеме: збогум Буково и Мауцкер, велат организаторите.

Панел дискусијата ќе се одржи во Касарна Хаб во Охрид со почеток во 12:00 часот.