Skip to main content

Протестен марш за чист воздух: „Скопје мора да дише! Македонија мора да дише!“

Од „Зелен хуман град“ информираат дека причините за одржување на протестот се смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето кои изнесуваат 17,7 отсто од вкупната смртност во државата на годишно ниво.
 |  инфодеск  | 

Со протестен марш, кој ќе започне во 16 часот од пред зградата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), здружението„Зелен хуман град“ и неколку други граѓански инцијативи ќе го изразат своето незадоволство од загадувањето на воздухот. Најавено е дека маршот ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши пред зградата на Владата.

Од „Зелен хуман град“ информираат дека причините за одржување на протестот се смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето кои изнесуваат 17,7 отсто од вкупната смртност во државата на годишно ниво.

Од Владата бараат да ја задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, како и јавно да објават на регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, а не ги поседуваат. Како предлог-мерка што ја бараат од иницијативата е и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот од три метри.

Мерките кои ги предлага здружението се објавени на линкот.

Организаторите ги повикуваат сите граѓани да бидат дел од маршот затоа што, „правото на чист воздух следува! Искористи го протестот за да го изразиш своето барање за чист воздух од институциите“, се вели во нивното соопштение.