НУ Библиотека „Григор Прличев“ распишува конкурс за најдобра беседа на тема „Чувај се себеси“
Во пресрет на манифестацијата „Прличеви беседи“ 2025 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид распишува Конкурс за избор на најдобра беседа посветена на нивниот патрон, големиот поет и преродбеник Григор Прличев на тема „Чувај се себеси“.
Познато е и од неговата „Автобиографија“ дека Прличев најчесто држел беседи пред охриѓани. Токму под наслов „Чувај се себеси“ Прличев на крајот од една учебна година кога учителствувал во Охрид ја кажал оваа беседа, а подоцна во 1866 година ја објавил во весник.
Текстот е особено интересен по тоа што во него Прличев, којшто инаку се застапувал за архаизиран литературен јазик, обраќајќи се кон своите сограѓани се служи со чист охридски говор. Од него можат да се извлечат повеќе корисни податоци за изучувањето на градскиот охридски говор во минатиот век. Беседата е објавена на линкот.
-Со конкурсот кој го распишуваме трета година по ред сакаме да го поттикнеме творештвото на младите луѓе да пишуваат креативно и да го збогатат својот израз, велат од Националната установа „Григор Прличев“.
ПРОПОЗИЦИИ:
На Конкурсот можат да се пријават млади автори од 15 до 30 годишна возраст.
Беседата „Чувај се себеси“ не смее да биде поголема од 3000 зборови и треба да е напишана во фонтот ariel 12.
Беседата не смее да содржи политичка, етничка и верска содржина, туку треба да носи универзална порака за мир, љубов, соработка и претходно да не е публикувана.
Комисијата ќе ја оценува нивната уметничка, јазична и естетско – етичка содржина. Беседите до Комисијата се испраќаат исклучиво под шифра во печатена форма во три примероци до НУ Библиотека „Григор Прличев“ ул. „Македонски Просветители“ бр. 2 Охрид, 6000
На авторот на најдобрата беседа кој со посeбeн примерок ќе го докаже авторството ќе му биде доделена парична награда од 9000 денари и признание со ликот на Прличев а ќе му бидат врачени на манифестацијата „Прличеви беседи“ во февруари, 2025 во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
Конкурсот е отворен до 15 јануари, 2025 година.
Шифрата на наградената Беседа ќе биде објавена најдоцна до 22 јануари, 2025 на веб страницата на Библиотеката и преку медиумите.