Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој неодамна беше во прва официјална посета на Бразил, беше претставен како премиер на Југославија. Фицо бил пречекан од потпретседателот Гералдо Алкмин поради здравствените проблеми на претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва.
Како што објави Блумберг, Алкмин читал напишан говор за време на средбата со Фицо.
„Лула ме замоли да ви испратам топла прегратка и да ја споделам неговата среќа да ве прими“. А, потоа следел неверојатен гаф: „Инаку, ова е првпат премиер на Југославија да го посети Бразил и ние сме среќни и почестени“.
Во говорот кој го читал потпретседателот Алкмин, точно била спомената Словачка, а не Југославија. Што се однесува до Фицо, кој го слушал Алкмин со помош на преведувач, тој оставил впечаток дека не го забележал гафот.