Skip to main content

АХВ извршила контроли во Охрид, уништена е храна со поминат рок

Сувомеснати производи и мелено месо што биле без декларација и со поминат рок на употреба затекнале инспекторите на АХВ во маркет во Охрид.
 |  инфодеск  | 

Во Охрид, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при редовен надзор, во маркет затекнале сувомеснати производи и мелено месо што биле без декларација и со поминат рок на употреба. Казната за маркетот е во висина од 1 400 евра. Во овој град, додаваат од АХВ, казнета е и месарница заради неспроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените.

Од неколку киосци во Скопје, пак, речиси два тона небезбедна храна со поминат рок е повлечена и уништена со решение на Агенцијата. Инспекцискиот надзор бил извршен по доставена иницијатива од граѓани, информираат од АХВ. За сторениот прекршок, додаваат оттаму, изречена е парична казна. 

Освен во Скопје, инспекторите затекнале небезбедна храна и во угостителски објект во Битола. Во објектот имало 241 килограм небезбедна храна која по издадено решение од инспектор нештетно е уништена. Фирмата каде била затекната храната, додаваат од АХВ, казнета е со 600 евра во денарска противвредност, а со 300 евра, казнето е и одговорното лице. Покрај за затекнатата небезбедна храна, оваа фирма и одговорното лице во неа, биле казнети и поради неизвршени задолжителни здравствени прегледи за вработените.