Фонтаната Ди Треви во Рим вчера повторно беше отворена по завршувањето на вонредните работи за одржување во пресрет на јубилејната католичка „Света година“, која се слави на секои 25 години. Реновирањето траеше три месеци и чинеше 327.000 евра.
Пристапот до споменикот сега ќе биде ограничен на 400 посетители во секое време за да се избегне голема гужва.
-Посетителите засега нема да мора да плаќаат билет, иако во иднина не е исклучено воведување такса, изјави градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери.
За време на реставрацијата, беше поставена патека за туристите да можат да ја видат римската знаменитост. На посетителите им беше дозволено да ја фрлат својата паричка во „корпата“ во преминот, со што ја изразија својата желба да се вратат во Вечниот град.
Посетителите ќе можат слободно да се движат околу фонтаната, почитувајќи ги некои правила: забрането седење на работ на базенот, јадење, пиење или пушење. Новина е присуството на QR код на информативните табли на влезот и на тотемите од страните на плоштадот што овозможува посетителите да добијат историски информации за фонтаната.