Сабајлево биле евакуирани околу 1.200 луѓе од Ајфеловата кула откако избувнал пожар. Според француската полиција, пламенот бил забележан во окното на лифтот помеѓу првиот и вториот кат, а пожарникарите се сомневаат дека пожарот настанал поради прегревање на уредите во близина на каблите.
Светските медиумски агенции јавуваат дека за време на интервенцијата, Ајфеловата кула била затворена за туристи. Инаку, овој светски познат споменик секој ден го посетуваат меѓу 15.000 и 25.000 луѓе.
Во јануари годинава социјалните мрежи беа преплавени со фотографии и видеа во кои се тврдеше дека Ајфеловата кула гори, но тие видеа подоцна се покажа дека биле лажни. Сепак, вистински пожар е снимен во далечната 1956 година, кога пожар во просторијата за телевизиски пренос предизвика значителна штета.