Skip to main content

Македонскиот пасош е рангиран на 40. место во светот, без виза можеме да патуваме во 129 земји

Рангирањето е базирано на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), според бројот на земји што може да се посетат без виза. 
 |  инфодеск  |  ,

Македонскиот пасош е рангиран на 40. место според индексот на најмоќни патни исправи во светот за 2025 година на „Хенли енд партнерс“ и со него без визи може да се патува во 129 земји во светот.

Северна Македонија бележи напредок од 5 позициии во однос на лани, кога беше позиционирана на 45. место. Од 2018 година, па наваму, овогодишното рангирање на нашиот пасош е највисоко, за разлика од 2021 година, кога се наоѓал на 47. место.

Ова рангирање, базирано на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), го мери бројот на земји што може да се посетат без виза.  Македонија го дели 40. место со Црна Гора и со Маршалските Острови. Во регионот, од македоснкиот пасош послаби се патните исправи на Албанија и на Босна и Херцеговина (на 43 место со безвизен режим за 123 земји) и на Косово (63 место и влез во 80 земји). А, подобри се пасошот на Грција, шесторангиран поради слободниот влез во 189 земји, на Словенија е десетти (185 држави), хрватскиот 11-ти (184), бугарскиот 15-ти (178) и српскиот е на 34-та позиција со можност без виза да се патува во 139 држави. На дното на листата се Ирак (31 земја), Сирија (27) и Авганистан (26 земји), кои имаат најмалку можности за патување без визи.

Во Европа, со македонскиот пасош може слободно да се патува во Австрија, Албанија, Андора, Белгија, БиХ, Германија, Грција, Данска, Естонија, Исланд, Италија, Кипар, Косово, Летонија, Литванија, Ликсембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Чешка, Црна Гора, Швајцарија, Шведска и Шпанија, а на америчкиот континент без виза може да патуваме на Карибите, Бахами, Доминиканската Република, Куба, во Аргентина, Бразил, Еквадор, Колумбија, Перу, Чиле, Гватемала, Хондурас, Ел Салвадор, Никарагва и Панама.