Српските студенти денеска започнуваат генерален штрајк
Српските студенти денеска започнуваат генерален штрајк, воедно повикувајќи на „општа граѓанска непослушност“. Граѓаните ќе го поддржат штрајкот со тоа што нема да одат на работа, на предавања и нема да ги извршуваат секојдневните обврски.
Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе продолжи оддавањето почит кон загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе се одржи генерален штрајк.
И адвокатите денеска ќе започнат тридневен прекин на работа, кој ќе трае до 26 јануари, поради прекршување на владеењето на правото и закана за автономијата и независноста на Адвокатската комора на Србија.
На штрајкот се приклучуваат и бројни невладини организации, здруженија, компании, културни институции, медиуми… Порталот Nova.rs денеска ќе известува само за за оваа тема и акциите што ќе се спроведуваат во градовите низ Србија. Кон генералниот штрајк се приклучуваат и редакциите на порталот Аутономија, БИРН, Јужни вести, Истиномер, Voice, Peščanik, Agelast, Tampon zona, Zoomer.rs, магазинот Oblakoder, Osnazzene, балкански литературен гласник од Солун, радио КПТМ, но и редакцијата на најпосетуваната веб-страница во Србија на унгарски јазик, Szabad Magyar Szó – Слободен унгарски збор.
За денеска, исто така е закажан и голем собир во Јагодина кој е во организација на владеачката СНС. На него ќе зборува претседателот на земјата, Александар Вучиќ кој најави формирање на Покрет за Србија.


