Почина Архиепископот на Албанската православна црква Анастасиј
Утрово, на 95 годишна возраст почина Архиепископот на Албанската православна црква Анастасиј. Тој почина во атинската болница, каде се лекуваше поради критичната здравствена состојба.
-Со неуморна ревност и пожртвувана служба повеќе од три децении, Архиепископот Анастасиј, по избор и со благослов и заложби на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, ги положи и ги зацврсти темелите на црковниот живот, изгради стотици свети храмови, ја воскресна пастирската служба, основа образовни и филантропски институции и едуцираше ново, посветено свештенство. Тој беше вистински апостол на љубовта, сведок на Христовата светлина во Албанија и ширум православниот свет, велат од Бигорскиот манастир.
Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија Анастасиос (Јанулатос) е роден на 4 ноември 1929 година во Пиреја. За архиепископ Тирана и цела Албанија беше избран во јуни 1992 година, кога во исклучително тешки околности ја основа и ја разви автокефалната Албанска православна црква. Во 2000 година архиепископот Анастасиос беше номиниран за Нобеловата награда за мир.
Со неговата напорна работа и посветеност биле формирани над 400 парохии, основал Богословско-свештеничката школа во Драч и црковната гимназија во Аргирокастро, обучил и ракоположил 145 нови свештени лица, се грижел за издавање на литургиски и други верски книги, се погрижил за обнова на 150 нови цркви, за реставрација на 70 манастири и цркви-културни споменици и за поправка на 160 цркви и 45 црковни објекти, односно вкупно 425 објекти, а го основал и првиот женски манастир.


