Уништени и непроодни тротоари и коловози при градење објекти скоро на секоја улица во Охрид

Во Охрид се гради на секој чекор, а ретки се инвеститорите на индивидуални и колективни станбени објекти кои се придржуваат на правилата на градот при изведување градежните работи. Калливи сообраќајници, земја и градежен шут на јавни површини, за време на градењето узурпирани, а потоа уништени тротоари, напукнати коловози кои не се враќаат во првобитната состојба е грдата слика на многу улици низ Охрид.
Тотален хаос е ситуацијата во Охрид на многу локации и за ова треба да дискутираме, критикуваме и да побараме подобрување, односно поголема грижа од страна на локалната власт, кажа советничката од СДСМ Живка Ангелоска на последната седница на Совет на која на дневен ред беа токму одлуките кои содржат одредби и правила до кои треба да се придржуваат градежниците.

„Ако ги прочитаме тие одлуки ќе видиме дека за изведувачите на градежни работи е забрането и се санкционира доколку не се однесуваат согласно одобрението коешто го издава општината или во одредени сегменти дека утовар, истовар, одлагање на градежен материјал треба да се врши на точно определени површини во точно определени временски интервали и притоа да внимава да не ја попречи проодноста на тротоарите , проодноста на сообраќајниците. Во одлуката се вели дека забрането е расфрлање на земја и други материјали, дека сето тоа треба да го прават на површините кадешто градат, а не на тротоарите и на улиците. “ – кажа советничката Ангелоска.
Така стои на хартија, меѓутоа во реалноста работите се сосема поинаку, посочи советничката до која стигнувале реакции од граѓани. Покрај тоа што се отежнува секојдневното функционирање на граѓаните со попречувањето на сообраќајот и непроодноста на тротоарите додека траат градежните работи, поголем проблем е она што останува по нивното завршување, реагираше Ангелоска.

„Тротоарите на многу локации ги нема, пропаднати се, а она што е најгорливо прашање е ретко кога се враќа ситуациата во првобитна состојба што повторно е обврска на изведувачите меѓутоа и на локалната самоуправа да го контролира сето тоа.“ – кажа Ангелоска.
Се поставува прашањето што е важно за локалната власт, рече Ангелоска, дали само да ги даде одобренијата за градење и да ги наплати комуналиите или има намера и волја овие одлуки да ги спроведува на дело, да ја следи ситуацијата по улиците низ градот и да презема санкции против несовесните инвеститори.


Се согласувам со советничката дека од страна на одредени инвеститори, изведувачи на одредени згради има отстапувања од одлуките односно непочитување, кажа секретарот на општината, Александар Китески. Но додаде дека локалната власт односно општината ги почитува одлуките коишто ги носи Советот и дека самостојните овластени градежни инспектори вршеле надзор над изградбата на објекти.

„Ние како локална власт , како одделение за инспекциски надзор вршиме контрола, изречени се и мерки конкретно за калливи улици и тн и секаде кадешто има оштетување додека се гради , дали било тоа тротоар или напукнување на коловоз, секаде се составени записници и самите изведувачи се согласни по завршување на работата да се врати во првобитна состојба.“ – кажа секретарот.
Китески кажа дека и тој лично реагирал за калливи улици, оштетени тротоари и испукан коловоз и од страна на градежните инспектори бил иозвршен надзор, изготвени записници, и бил даден рок на изведувачите таквите оштетувања да ги санираат и просторот да се врати во првобитна состојба.