Вандализмот зема замав во сите општини. Охрид не е поштеден од уништување на јавните добра. Искршени клупи во парковите, канти за отпадоци, вандализирани детски игралишта, споменици. Ова е сериозен проблем што бара итна реакција.
Во таа насока, Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) едногласно ја усвои иницијативата предложена од Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.
За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави, соопшти Општина Центар.