Skip to main content

Недески: Да им создадеме услови на талентираните ученици да ја градат домашната индустрија

Сликата за средните технички училишта се менува покрај со унапредување на квалитетот на образовниот процес и со посебно внимание и работа со талентираните ученици. Тоа на дело се покажува во општинскиот електро машински училишен центар „Св Наум Охридски“ во Охрид. Неспорно е дека имаме талентирани деца, меѓутоа останува проблемот како тие да се задржат во државата по завршувањето на образованието и да ја градат домашната индустрија.
 |  Маја Савиќ  | 

Интересот на учениците за техничките струки, дуалното образование, соработката на приватниот сектор со образовните центри се позитивни трендови кои продуцираат кадар со релевантни вештини и компетенции. Сликата за средните технички училишта се менува покрај со унапредување на квалитетот на образовниот процес и со посебно внимание и работа со талентираните ученици.

Емуц Охрид

Во ОЕМУЦ „Св Наум Охридски“ – Охрид со талентираните ученици се работи дополнително, надвор од редовната настава, со вложување многу труд од професорите ментори во рамки на разни проекти, вели директорот, Сашо Недески. Таквата поддршка секогаш дава резултати за што доказ се успесите на државните и меѓународни натпревари. Овој училишен Центар трета година по ред го држи првото место во конкуренција од технички училишта од 8 држави од поширокиот регион.

„ Трета година по ред го освојуваме првото место во силна конкуренција на многу солидни центри за обука, како тој од Истанбул кои се далеку поопремени од нас. Ние се трудиме да ги достигниме нив со поддршка од локаланта самоуправа континуирано добиваме нова опрема, минатата година набавивме 3D принтер, оваа година за профилот компјутерска техника и автоматика набавивме 25 компјутери со високи перформанси.– вели директорот Недески.

Проектите и натпреварите се можност теоријата да се преточи во пракса, да се надогради знаењето, да се стекнат нови искуства преку тимска работа и нови сознанија за индустријата што ја изучуваат, вклучувајќи ги и тековните трендови и предизвици.

Ова е голем успех и голема мотивација на ваков натпревар да се земе прво место. Ова ме мотивира понатаму уште повеќе награди да освојуваме“. – вели ученикот Кристијан Толески.

Самиот овој проект е како почеток на мојата иднина, нема ниту да е прв, ниту последен проект што ќе го направам. Тоа што и факултет што ќе продолжам да учам. Ако сакаш нешто каде и да си во светот можеш да успееш. “ вели Горазд Јованоски.

Во последниве години компаниите на кои им е потребен висококвалитетен кадар сè повеќе ги отвoраат своите врати за учениците давајќи им шанса да градат односи со професионалци кои заедно со професорите имаат голема улога во обучувањето на овие млади луѓе.

Неспорно е дека имаме талентирани деца, меѓутоа останува проблемот како тие да се задржат во државата по завршувањето на образованието.

„Имаме позитивни показатели каде што ученици наши кои имаат завршено во дуалното образование,од нивните работодавачи се преземени и им е овозможено понатаму да продолжат да студираат, да се усовршуваат и да останат во државава“ – вели професор Владо Јанкуловски.

„ Години наназад гледаме дека системот на давање можност на овие кадри е да не речам дефектен. Треба да се подобрат одредени околности при избор на високо квалификуван кадар Значи главната цел е нашите ученици односно студенти кога ќе завршат сето тоа да го валоризираат. И системот на варaботување во државните фирми би требало да е ист како во приватните, бидејќи кај приватникот нема ни внук, ни син ниту било кој друг, значи секој приватник има интерес да го прими најдобриот.– вели Недески.

Само на тој начин, доколку нашите ученици кои покажуваат исклучителни резултати добијат фер можност при вработување ќе останат да ја градат домашната индустрија, дециден е Недески.