МОН со промоција на мобилна апликација за напредокот на децата на училиште
Министерството за образование и наука (МОН) информира дека развило мобилна апликација која им овозможува на родителите и старателите на учениците едноставен пристап до електронскиот дневник и со тоа, лесно и на дневна основа, да го следат образовниот напредок на децата.
Според министерката Весна Јаневска, апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
„Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб страната на министерството и да се инсталира на било кој паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“, изјави Јаневска вчера на прес-конференција.
Министерката посочи дека сите податоци кои се внесуваат во електронскиот дневник, се архивираат и корисникот на апликацијата има увид во податоци од тековната, но и од било која учебна година наназад.

„Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена, затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и подеднаква и на институциите и на семејствата на учениците“, посочи министерката.
Јаневска рече и дека за било каква корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса ednevnik@ednevnik.edu.mk.
Министерството за образование и наука работи на забрзана дигитализација на образовната сфера. Во таа насока, министерката посочи дека наскоро започнува пилотирањето на новиот електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.