Skip to main content

На Охрид му е потребен археолошки музеј

100 000 вредни археолошки предмети откриени во над двеста и педесет археолошки наоѓалишта во Охрид и околината поседува Заводот за заштита на спомениците и Музеј Охрид. Најголем дел од нив се чуваат во депоата на установата, далеку од очите на јавноста, бидејќи нема соодветен простор каде да се изложат. Од охридскиот Завод и Музеј сметаат дека на градот му е потребен современ историски музеј каде ќе биде презентирано богатото материјално културно наследство од охридскиот регион.
 |  Маја Савиќ  | 

На Охрид му е неопходен современ археолошки музеј каде ќе биде соодветно сместено и презентирано богатото материјално културно наследство. НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј – Охрид поседува повеќе од 100 000 вредни археолошки предмети. Дел од нив се изложени, но поголемиот дел се чуваат во депоата на Завод и Музеј.

Збирката на артефакти постојано расте. Во охридскиот регион има преку 250 археолошки наоѓалишта, почнувајќи од неолитот преку антиката до средниот век. Секое археолошко истражување продуцира нови наоди кои нема каде да се изложат.

„Моментално се изложени во Куќата на Робевци, објект кој амбиентално и просторно не соодветствува со современа археолошка поставка каква што Охрид заслужува. Куќата е од 19 век и е репрезент на градската архитектура од тој период и е соодветна за етнолошка поставка. Сведоци сме на се поголем број гости, посетители и странски и домашни коишто доаѓаат во Охрид токму да го видат културното наследство. Тоа е една причина повеќе да се продуцира, да се направи еден современ музеј каков што Охрид вистински заслужува.“ – вели Бојан Танески – виш кустос археолог.

Со довршување на археолошкиот музеј на Плаошник нема да се реши проблемот бидејќи тој ќе биде специјализиран само за наодите од тој локалитет. На Охрид му е потребен еден посеопфатен општ историски музеј кој ќе го опфаќа не само Охрид туку и регионот кој е под заштита на УНЕСКО, вели архитект/конзерватор Горан Патчев, директор на НУ Завод и Музеј.

„ За таков еден музеј во соработка со општината и со владата би дошло во предвид може да се направи надвор од градот по примерите од соседните земји. Таков музеј има бизнис логика како да правите исто некој голем супермаркет, треба да биде пристапен, да има пристап за големи групи посетители со автобус, посетителите да се чувствуваат комотно и пријатно, а артефактите да бидат соодветно заштитени и презентирани на посетителите.“ – вели Патчев.

Еден таков голем и современ музеј е од големо значење не само за историјата на македонскиот народ и Македонија , но и за збогатување на туристичката понуда за развој на културниот туризам.