Занаетчии ќе нема ни за лек
Во старата охридска чаршија 80 години опстојува дуќанот на семејството Белеви. Фирмата за изработка на кожарски производи е регистрирана во далечната 1946 година. Опинчарскиот занает го започнале браќата Ѓорѓи и Милан, а традицијата ја продолжил до денес Крсте Белев. Асортиманот се менувал од опинци и сарачка опрема на почетокот до рачно изработени женски и машки чевли, ташни и каиши.
Дуќанот е најпосетен од странските туристи кои ги ценат рачните изработки. Белев по три децении работа се надева дека некој ќе го наследи опинчарскиот занает.


„Во 1990 год јас завршив по струка дипломиран правник, значи правно-политички науки завршив во Скопје. Татко ми сакаше еден од фамилијата да има учен, да не се сите опинчари, па така му ја исполнав желбата. Но, два-три пати конкурирав и тоа турбулентно време во 90-тите не успев да се вработам и го продолжив занаетот. Оттогаш до денес работам самостојно. Поентава ми е дека јас ја обучувам ќерката и веќе и таа знае да работи. Сакам некој да го наследи занаетот.“ – вели Белев.
Но мал е бројот на млади луѓе кои сакаат да учат и да работат занаетчиство затоа што сметаат дека тоа е тешко и неисплатливо. Старите занаети се во изумирање, а со тоа во заборав оди и дел од традицијата и историјата. Но дефицитарни занаети кои се потребни, а постојано се намалува нивниот број во занаетчискиот регистар, се и водоводџија, инсталатер за парно греење, електричар, лимар, клучар, чевлар и други.

Ако во Охрид пред десеттина години имало 20 кондураџии , денеска се останати само четворица.
„ За неколку години нема да има ниту еден. Не знам кој би поправал кондури, ако нема кондураџија. Опинчарството исто така е на работ на изумирање, всушност тој занает е дефицитарен кој изумира. После нас се шнајдерите. Овие се занаети кои се нископрофитабилни и тешко опстојуваат.“ – вели Сашо Богоески, кондураџија и Претседател на Регионална занаетчиска комора Охрид.

Занаетчиството не само што стагнира, туку и се уназадува, вели Претседателот на Регионална занаетчиска комора Охрид, Сашо Богоески. Посочува дека час поскоро треба да се донесе стратегија за долгорочен развој на занаетчиството.
Сашо Богоески – Претседател на Регионална занаетчиска комора Охрид
„ Најголем проблем моментално во занаетчиството се дефицитарните занаети и занаетите во изумирање. Тие се нископрофитни дејности, од кои дел работат и со загуба и тука основна цел е да се спасат прво тие. ….Се работи за една бројка од 1000 занаетчии на ниво на државата која не е многу голема и барам државата да ги ослободи и од плаќање на придонеси за плати и од персонален данок, или околу 10.000 денари месечно. На тој начин можеме да ги зачуваме па дури и да натераме млади да се занимаваат со тие стари дефицитарни занаети во изумирање.“ – вели Богоески.
Изминатата година во Охрид имало 16 новорегистрирани занаетчии. Од нив 15 започнале со занаетчиска дејност со помош на грант од 6000 евра преку Агеницијата за вработување.
„ Самото тоа кажува дека на занаетчиите им е потребно субвенционирање. Да не беа тие грантови од 6000 евра од Агенцијата за вработување минатава година ќе имавме само еден нов занаетчија. Пред едно 7-8 години за секое ново вработување имаше ослободување во период од 3 години од персонален данок и од придонеси на плата и тогаш имавме најголем број на новопријавени занаетчии, скоро и до 40 годишно.“ – кажува Богоески.
Минатата година 14 занаетчии престанале да вршат дејност, дел поради пензионирање, а дел поради неисплатливост односно ниски приходи.