Skip to main content

Дијагноза (за спас на Охрид): во опасност репрезентативен архитектонски објект од почетокот на ХХ век и училишен парк

Нашиот сограѓанин, Владимир Трајановски, преку допис до нашата рубрика, Ти си твојот град, реагира за новиот објект кој треба да “никне“ во централното градски подрачје, односно кај Маларична, заедно со репрезентативен архитектонски објект од почетокот на ХХ век и училишен парк со децениски стебла.
 |  инфодеск  | 

Нашиот сограѓанин, Владимир Трајановски, преку допис до нашата рубрика, Ти си твојот град, реагира за новиот објект кој треба да “никне“ во централното градски подрачје, односно кај Маларична, заедно со репрезентативен архитектонски објект од почетокот на ХХ век и училишен парк со децениски стебла. Како што вели Владимир: „Нова станбена зграда во висина над Охридската Гимназија, а по обем двојно поголема!“.

Владимир реагира за бјектот на денешната Маларична, кој во 1927 година го подигнале медицинските научници д-р Елена Етингер – Каваева, основоположник на педијатријата и нејзиниот сопруг Владимир Кавај, кој бил надалеку прочуен хирург. Во истиот тој објект, најпрво функционирал детскиот диспанзер каде се вакцинираа новороденчињата, а во осумдесеттите била изградена нова зграда каде беше сместена детска стоматологија.

-Овој текст го пишувам како реакција на предложениот плански опфат, и барам од надлежните да го повлечат додека е време, да се запре уништувањето на здравствената установа, на училишниот парк и старата градска куќа изградена истата година кога и Маларична. Ги повикувам охридските лекари, медицинските работници од Општина Охрид да го кренат својот глас против уништување на споменот за д-р Каваева и на овој простор да остане здравствениот дом, како што е досега, па можеби во иднина тука повторно да биде детското одделение, или некој иден педијатриски центар. Ги повикувам и охриѓани, да не бидат само неми сведоци на уништувањето на она што е вредно во Охрид, туку да реагираат сега, за да ни остане овој простор каков што е. Во биографијата на сегашниот градоначалник на Охрид пишува дека е стоматолог, специјалист по детска и превентивна стоматологија, а пред да ја извршува јавната функција бил вработен во ЈЗУ Здравствен дом Охрид (другото име за Маларична). Се надевам дека совеста и професионалниот интегритет ќе натежнат на вистинската страна и ќе остане запаметен дека го одбрал јавниот наместо приватниот интерес, вели Владимир во неговиот допис.