Skip to main content

Успешно се одвива процесот на вештачки мрест на охридската пастрмка

За рекордно време беше собрана планираната количина икра и моментно таа е оплодена и е во период на инкубација во мрестилишните капацитети на Јавната научна установа Хидробиолошки завод Охрид. Заедно со собраната икра од мрестилиштата Шум во Струга и во селото Лин во Албанија годинава се очекува езерото да биде порибено со вкупно околу околу два и пол милиони единки охридска пастрма, што ќе придонесе за зголемување на популацијата на овој ендемичен вид.
 |  Маја Савиќ  | 

Вештачкиот мрест на охридската пастрмка во водите на Охридското Езеро, кој се прави по шестгодишна пауза, се одвива успешно. Само за шест риболовни денови стручните лица од ЈНУ Хидробиолошки Завод Охрид успеаа да соберат 660 000 зрна икра што е и повеќе од планираната количина согласно договорот потпишан помеѓу научната установа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„ Во рекордно време се собра планираната количина зрна икра и млеч, оплодена е икрата и поставена во мрестилишните инсталации. Во моментов имаме повеќе од 600 000 зрна оплодена икра во нашите инсталации. Начинот на организација го дава и резултатот. Поголема физичка заштита, поголема координација со релевантните институциитука ќе го спомнам Државниот инспекторат за земјоделство и Полициска станица за граничен надзор Охридско езеро при Регионален Центар за гранични работи Запад.“ – информира Душица Илиќ Боева- ЈНУ Хидробиолошки Завод Охрид.

Првата партија подмладок веќе се изведува во мрестилишните капацитети на Хидробиолошки завод. Неговото одгледување ќе продолжи додека не достигне големина од седум до осум сантиметри и тежина 2,5 до три грама. Порибувањето на езерото со одгледаниот подмладок ќе се реализира на есен на истите локалитети каде биле уловени матиците за измолзување. Заедно со собраната икра од мрестилиштето Шум во Струга каде се одгледуваат околу 450 000 оплодени зрна икра, на македонска страна се очекува да биде езерото порибено со нешто над милион единки ендемична пастрмка.

„Биолошкиот оптимум според огледалото или површината на Охридското Езеро,а тоа е 358 километри квадратни би требало да биде три до три и пол милиони одгледани единки. Токму поради тоа дадено е ветување дека следната година поголема количина на икра ќе биде колекционирана и поголеми ангажмани на мрестилиштата“. – вели Илиќ Боева.

Вештачкиот мрест на охридска пастрмка започнал во 1935 год со основањето на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Оттогаш до денес мрест не се одвивал еднаш во текот на Втората светска војна и во 1998 година поради реорганизација на одредени државни органи. Отсуството на вештачкиот мрест изминатите шест години паралелсно со притисокот кој се врши на пастрмските видови од човекот има големо влијание врз оваа ендемична риба.

„ Она што го покажуваат самите податоци но и реалнатa состојба, условите во коишто работевме оваа година дека недостигот на спроведување на оваа активност остава белег на начин на кој некои од должинските класи може да одсуствуваат и од друга страна мора да размислуваме дека постои и изловување на охридската пастрмка дури и во периодот кога немаше концесија за комерцијален риболов на Охридското Езеро, зборувам за македонската страна, но заштитата треба да оди билатерално од било кој аспект , за било која активност и за мрежите духови и за вештачкиот мрест потребен е ангажман од двете страни на границата.– вели Илиќ Боева.

Од албанска страна годинава се очекува да се оплодат околу 1 и пол милиони зрна икра во мрестилиштето во селото Лин, што ќе придонесе за зголемување на популацијата на овој ендемичен вид.