Промовирана стихозбирката „Насолзено цвеќе“ од Љубен Цветкоски
Вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана стихозбирката „Насолзено цвеќе“ од уметникот Љубен Цветкоски.
-Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ излезе од печат стихозбирката НАСОЛЗЕНО ЦВЕЌЕ од Љубен Цветкоски. Тоа е книга создадена од за жал очај и болка и непребол по прерано починатиот син. Таа семејна трагедија и траума нашиот Љубен се обидува преку стихови да ја надмине а од друга страна нам да ни ја пренесе неговата поврзнаост со синот и семејството, рече в.д директорката на нашата библиотека Христина Трпеска.
Промоторот и уредник на книгата м-р Милчо Јованоски пред присутните се обрати со следните зборови:
– Бравурозно како тоа што често го правел и прави со сликарската четка и создава импресивни акварели, така со збор Љубен ги насликал миговите и ситуациите кои се врежани во неговото срце и душа а се сврзани со неговиот син Александар – Цвеќето. Радоста и хармонијата, семејната среќа како гром од ведро небо ги погодува и фрла во очај и агонија поради кобната болест на нивното најубаво и најнежно цвеќе Александар.
Цвеќе со најубав опоен мирис кое го нема во ниту едно цветно поле а вирее само во нивните срца. Стиховите во НАСОЛЗЕНО ЦВЕЌЕ се крик на болната вистина чиј пат не може да се смени.

-Од детството преку младоста, со секојдневните палави игри, испомешани со минатите и скорешните искуства Александар живее во секој негов напишан стих. Оваа промоција ја сфаќам како чистилиште на нивните души, создавање заеднички невидлив споменик од стихови за Александар – Цвеќето. Споменик создаден од букви, зборови и емоции со кои секој ден по неговото заминување ги забележал неговиот татко Љубен. Пред и уште потоа по нивното невидливо речиси секојдневно среќавање од и до неговото вечно почивалиште, рече Јованоски.
Со солзи на очите и болка на крајот авторот Цветкоски кусо ги поздрави блиските нарекувајќи ги најблизок род. Тој им забалагодари на сите за покажаната емпатија и споделената тага. Стихови од книгата читаа ученичките: Ивана Ническа и Елена Размоска од Средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ по избор на професорката Марија Стрезовска.