Советот за развој на Југозападниот плански регион ја одржа 14-та седница на која членовите, градоначалниците на општините од регионот беа информирани за реализацијата на проектите и активностите на Центарот за развој на ЈЗПР во 2024 година.

На седницата со која претседаваше градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристески, на дневен ред беа точките за Финансискиот план на Центарот за развој на ЈЗПР за 2025 година, Акцискиот план за 2025 година, Годишниот извештај за реализација на Програмата за развој како и Годишните сметки на Центарот и донаторските проекти.
На седницата, исто така, се дискутираше и за проектите со кои Центарот за развој ќе аплицира во 2025 година по разни програми и приоритетната листа на регионални проекти за 2025 година.
Оваа година Центарот за развој на регионот ќе се фокусира на следните приоритети: јакнење на капацитетите на јавните комунални претпријатија преку набавка на опрема, подобрена енергетска ефикасност, изработка на техничка документација за комунална мрежа (водоводни, канализациони мрежи и пречистителни станици) во регионот, изведба на патна инфраструктура и обезбедување пристапност до туристички локалитети, други знаменитости и обработливи површни, развој на руралниот туризам, олеснување на пристапот до јавни објекти на лицата сo попреченост, изведба и уредување на јавни површини, паркови, кеј на реки, плоштади, пешачки/велосипедски авантуристички патеки, решавање на проблемот со кучиња скитници; намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата, поддршка на општините и ЈКП во процесот на регионално менаџирање со комуналниот отпад во ЈЗПР, набавка на возила, опрема и лични средства за ПП единиците во регионот, набавка на нагледни средства и опрема за кабинети и лаборатории во училиштата.
Советот за развој на Југозападниот плански регион е тело за усогласување и спроведување на политиката за развој, и него го сочинуваат градоначалниците на Единиците на локална самоуправа од регионот.