
Стотици демонстранти од доцна синоќа почнаа со блокада на јавниот сервис на Србија во Белград, протестирајќи против начинот на кој беше дефинирано студентското движење против корупцијата за време на телевизиска програма.
Според демонстрантите, блокадата ќе трае 22 часа. Во зградата на телевизиската куќа пак распоредени се поголеми полициски сили во полна опрема за разбивање немири.
-Вечерва сидрото на РТС не нарече толпа. Затоа вечерва ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упади. Сите вработени ќе смеат да излезат од зградата – но никој не влегува, велат студентите на Медицинскиот факултет во Белград.
Блокирана е и зградата на Радио Телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад. Директорот на РТВ Горан Караџиќ го отфрли барањето на студентите РТВ да известува за тоа што се случува пред блокираната зграда на тој медиум, поради што студентите продолжуваат да ја блокираат зградата на покраинската служба, изјавија студентите на новинарите, пренесе Бетa. Неколку десетици студенти и граѓани се собраа пред Радио телевизија Крагуевац (РТК) во знак на солидарност со студентите кои ги блокираат јавните услуги во Белград и Нови Сад, јави телевизијата Н1.
На социјалните мрежи се појави информација дека некои студенти отишле на Кошутњак со цел да го блокираат второто студио на РТС од кое може да се емитува програмата. Меѓутоа, оттогаш полицајците ги блокираа сите приоди до студиото, а во дворот има бројни џипови на Жандармеријата, полициски комбиња и автомобили.
