
Поради трагедијата во Македонија, во која загинаа 59 лица, а над 150 се повредени, вторник, 18 март, во Бугарија е прогласен за Ден на жалост, соопшти бугарскиот премиер Росен Жељазков.
– Во вакви моменти најважно е да се покаже навремена емпатија и солидарност. Бугарија е подготвена да прифати уште пациенти, изјави Жељазков.
Министерот за труд и социјална политика на Србија, Немања Старовиќ, изјави дека утрешниот ден е прогласен за Ден за жалост во Србија.
-Српската Влада ќе прогласи ден на жалост на територијата на цела Република Србија, тоа е најмалку што можеме да направиме во овој момент, изјави Старовиќ за ТВ Прва.
Кулата во Белград синоќа беше обоена во боите на македонското знаме, со натпис „Србија е со Македонија“.
Црна Гора го прогласи денешниот ден за Ден на жалост.
Во Македонија од вчера е прогласена седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме се вее на половина копје.
