Денес ќе бидат погребани жртвите од пожарот во Кочани
Погребот на настраданите од страотната несреќа ќе се одржи денес од 11.00 часот на градските гробишта во Штип, во 12.00 часот на градските гробишта во Кочани, во 13.00 часот на гробиштата во с. Облешево. На погребот ќе присуствува поглаварот на Македонската православна црква, г.г Стефан, а ќе има и повеќе владици од Синодот. Сара Пројовска, Андреја Ѓоргиевски, Игор Велков се бидат погребани денес во Скопје. Тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде погребан на градските гробишта во Струмица.
Владата ги задолжи државните институции, а им препорача на локалната самоуправа и на приватните фирми од Кочани денес да ги ослободат од работни обврски своите вработени, информираше портпаролката Марија Митева.
Изготвениот медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите и да им овозможи на новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца и повика да се следат универзалните етички стандарди за професионално известување.
-За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови)“, изјави портпаролката.
Инаку, Кривичниот суд во Скопје определи притвор од 30 дена за седум припадници на МВР од Штип и Кочани. Тие се осомничени , зашто потпишле лиценца за работа на дискотеката без да проверат дали објектот ги исполнува условите за тоа. Меѓу осомничените се началниците на СВР Штип и Кочани, главниот инспектор за сообраќајни работи и инспекторот за справување со кризни состојби од штипската полиција, понатаму началникот на одделението за полиција на СВР Штип , документаристот во полициската станица Кочани и заменик командирот на оваа полициска станица.