Skip to main content

10 пациенти денес се испишани од македонските клиники и се пуштени на домашно лекување

10 пациенти денес се испишани од македонските клиники и се пуштени на домашно лекување. Кризниот штаб идната недела ќе разговара за протоколи за враќање на пациентите од странските клиники, кажа министерот за здравство Арбeн Таравари.
 |  инфодеск  | 

Уште 10 пациенти кои беа повредени во катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани, кои се лекуваа на домашните клиники,  после сите направени токсиколошки анализи, денеска ќе бидат испишани и пуштени на домашно лекување, информира министерот за здравство, Арбен Таравари.

Бројката на пациенти коишто се лекуваат моментално е 162. Добра вест е дека 10 од пациентите коишто лежат во државата ќе бидат испишани. 115 пациенти се на лекување надвор од државата.

Министерот рече дека веќе нема да се праќаат пациенти надвор од државата и дека идната недела веќе ќе зборуваат за враќање на пациенти кои се лекуваат во странство.

Веќе од денеска ја отворивме темата на враќање на пациенти. Од идната недела, имаме најави од одредени држави кадешто пациентите и се движат и се во добра состојба, за да подготвиме протоколи како ќе биде нивното враќање, дали ќе треба да се сместуваат, секако ќе бидат прегледани од наши доктори. Тие што се во сосема добра состојба, после прегледот од наш доктор може да се пуштаат и да одат дома.

Одговарајќи на новинарско прашање дека се собираат пари за лекувањето на некои пациенти, Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека лекувањето на пациентите од пожарот во Кочани во другите држави е генерално бесплатно.

Генерално во 99 проценти лекувањето е бесплатно и нема потреба никој да собира пари. Можеби во некоја држава, меѓутоа генерално, 99 посто од лекувањето во сите болници е бесплатно.

Министерот додаде дека Владата обезбеди средства за патување и сместување на по двајца родители или членови на семејство на пациентите кои се лекуваат во сите држави, така да, нема потреба за шпекулации и невистини.