Во тек е контрола на сите издадени лиценци согласно законот за градење и законот за урбанистичко планирање
Во тек е контрола на сите издадени лиценци согласно законот за градење и законот за урбанистичко планирање, информира на денешната прес конференција министерот за транспорт Александар Николоски. Тука сакам нагласам дека законите во дел на контрола за жал не се јасни, да не речам се исклучиви и ние ова го правиме со еден вид политичка одлука, но сметаме дека е правилна, а по завршувањето на овие постапки ќе следат и јасни законски измени со кои ќе има обврска на секои 6 месеци да се врши ваква контрола на се што е издадено од страна на институциите.
Министерството за транспорт во моментов спроведува контрола на сите издадени лиценци за градби од прва и втора категорија и тоа за: изведувачи на градба, надзор на изградба на градби, проектирање на градби, ревизија на проектна документација, управител за одржување на објектот, управител на градба и лиценци за изработка на урбанистички планови, односно оние куќи кои цртаат детални урбанистички планови.
–Од издадени над 1100 лиценци досега се проверени вкупно 643 лиценци. Проверката продолжува и очекувам до вторник се да е завршено. Од овие 643 што се проверени, кај 90 лиценци или некаде над 15% констатирано е дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови, врз основа на кои истите се издадени, по што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците.
Паралелно е почната контрола и над сите издадени лиценци и овластувања во делот на патен превоз, кажа министерот Николоски.