Skip to main content

Општина Охрид ќе донира 1 милион денари за настраданите во пожарот во Кочани

Одлуката едногласно ја донесоа советниците на денешната вонредна седница. Охрид сочувствува и е солидарен со семејствата на починатите и повредените во оваа голема трагедија и ова е најмалку што во овој момент може да се направи, истакна Грaдоначалникот Пецаков.
 |  Маја Савиќ  | 

Советот на Општина Охрид денеска на вонредна седница едногласно донесе одлука за одобрување на финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот во Кочани. 55-тата седница започна со едноминутен молк во знак на почит за 59-те загубени млади животи во трагичниот пожар.

„ Пожарот во дискотеката во Кочани е една од најголемите трагедии кои се случиле во Македонија и изразувам сочувство, солидарност и поддршка не само со семејствата на починатите туку и желба за побрзо оздравување на сите оние кои што беа повредени во пожарот. Охрид како град најмалку што може да направи е оваа финансиска помош која денеска Советот ја изгласа и секако дека не само институционално туку и поединечно според можностите би помогнале во процесите кои понатаму ќе следат, а се потребни за поддршка на градот Кочани.“ – кажа Кирил Пецаков – Градоначалник на Охрид.

Финансиската поддршка е од резервите на општината, а дел во износ од 200 000 ден се обезбедија со пренамена од програмата за култура.

„ Во договор со ИВЗ со која Општина Охрид традиционално организира Ифтарска вечер, се договоривме минатата недела, оваа година да нема организација и дел од средствата кои беа за тоа наменети се пренаменија и се дел од оваа поддршка.“ – кажа Пецаков.

Општина Охрид ќе ја упати финансиската помош на сметката за солидарна помош при Црвениот крст на Македонија. Финансиските средства ќе бидат исплатени од Буџетот на Општина Охрид.