Skip to main content

Охриѓани во голем број го посетија хуманитарниот Велигденски базар

Tрадиционално во пресрет на големиот христијански празник Велигден, денеска на плоштадот „Крушевска република“ се одржа Велигденски базар. Манифестацијата веќе деветта година по ред е промотор на ракотворбите изработени од вредните раце на охридските ученици и вработени во охридските компании. Денес беа изложени велигденски украси, сувенири и традиционални македонски специјалитети, а дел од собраните средства ќе бидат донирани во хумани цели.
 |  инфодеск  | 

Охриѓани и гостите во голем број денеска го посетија Велигденскиот базар, кој традиционално по деветти пат го организира Општина Охрид во соработка со ЈП Градски Пазар.

На штандовите со велигденски украси и други рачни изработки и годинава се претставија ученици од охридските училишта.

Од угостителското училиште „Ванчо Питошески“ на посетителите им понудија и вкусни закуски и пијалоци.

-Имаме безалкохолни коктели, свежо овошје, козињак..

-Ние подготвивме велигденски колачи, козињак, ванилици, имаме и овошни салати. Ние често учествуваме на вакви настани како угостителско училиште на вакви базари.

И годинава дел од базарот беа охридските фирми, слаткари, пекари. Посетителите се почестија со пити и слатки. На штандот на познатата „Пирустија Неданоски“ се нудеа посни месени традиционални јадења како питулици со праз и ореви, комад со праз, со зелка, со тиква и неизбежното ѓомлезе.

Се потрудивме да има разноврсна храна која е богата, а сепак посна за луѓето и во овие три тешки дена пред Христовото воскресение да се почастат со нешто вкусно, македонско традиционално.

Луѓето сакаат да си пробаат нешто домашно месено и сучено затоа што се помалку луѓе го практикуваат тоа. Ова е апел до младите, јас денеска им зборував и на моите ученици да ги фаќаат тие нешта од повозрасните, од постарите, да учат за традицијата, да се интересираат затоа што тоа треба да го оставиме од колено на колено во аманет. Мислам дека секој сака да си се почасти со некоја вкусна месена храна , па така на овај базар луѓето купуваат, разгледуваат, се интересираат за состојките, вели Наташа Неданоска од селско домаќинство„ Пирустија Неданоски“.

На базарот секоја година се присутни и охридските занаетчии и трговците кои продаваат велигденски украси.

-Денес сме на базарот со татко ми и ние имаме етно изработки од дрво и од камен. На татко му специјалност му е се од дрво, а мене се од камен. …Се е рачно изработено, ракотворбите навистина се барани, се ценети, вели Лидија Танаскоска.

Црвен крст Охрид секоја година зема активно учество во Велигденскиот базар со изработки од волонтерите од различните програми и групи како што се Програмата за грижа за стари лица и Клубот на млади. Ракотворбите се продаваа по симболична цена, а со нивно купување граѓаните донираа за поддршка на ранливите категории во духот на хуманата мисија на базарот.

„Охриѓани се хумани и тоа го покажаа во бројни акции, хуманитарни и собирни. Морам да кажам дека во тек е и Неделата на солидарност на Црвениот крст каде се собираат непарични средства како средства за хигиена, прехрамбени производи , облека и обувки. Секој кој се чувствува способен и може и сака , може да донира до 20 ти април во Црвениот крст а ние понатаму ќе го поделиме на социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца.“ – изјави Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.

Велигденски Базар има хуманитарен карактер, и дел од собраните средствата од продажбата на производите ке бидат донирани онаму каде што е најпотребно.