Skip to main content

Американско-рускиот самит бесплатна реклама за Прага

Посетата на двајцата светски лидери, претседателот на САД Барак Обама и неговиот руски колега Дмитриј Медведев на Прага, каде вчера беше потпишан историскиот Договор за намалување на нуклеарното оружје, изминативе денови ги полнеше страниците на светските медиуми и чешката метропола ја доби најголемата бесплатна реклама која може да и донесе голем број туристи, констатираат чешките туристички работници.

 |  Maja Савиќ  | 
samit
самит
PragaРекламирањето на „Златната Прага“ и нејзините знаменитости што обично чини 130.000 долари на една страница во дневниот весник „Њујорк Тајмс“ или пак 50.000 долари за три секунди во етерот на Си-Ен-Ен, овој пат чешкиот главен град ги доби сосема бесплатно.

Според маркетинг-менаџерот Давид Лотак, како што јави дописникот на МИА од Прага, кампањата која деновиве се водеше во Чешка поради руско-американскиот Самит по повод потпишувањето на историскиот договор за нуклеарно разоружување има вредност од речиси 11 милиони долари.

Експертите тврдат дека огромна предност е и тоа што не се работи за класична реклама, туку вести кои се вметнати надвор од платениот простор кои обично привлекуваат повеќе внимание.

– Ефектот не е толку важен за индивидуалните туристи, туку за конгресниот туризам. Прага со ова се покажува како град кој нуди перфектни служби, вели Петр Улрих, главен уредник на специјализирано списание за туризам.

Ако се суди според минатите искуства, ваквите настани можат да влијаат на зголемен интерес и подобри резултати кај хотелиерите.

Доказ за тоа е значително зголемената бројка на туристи по 2000 година кога во Чешка беше организиран состанокот на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Наредната година, откако Чешка покажа дека е способна да се справи со протестите на противниците на глобализацијата, бројот на посетители се зголеми за 700.000.

Туристите кои изминативе два дена ја посетија Прага немаа среќа да ги видат сите големи историски знаменитости. Поради посетата на високата државна делегација од САД и Русија, голем број на улици во градот беа затворени, а за време на вчерашниот ден најпосетената туристичка дестинација, Прашкиот дворец „Храдчани“, беше затворен за посетители.
{loadposition content9}