Skip to main content

Н.У Библиотека Григор Прличев

Охридската библиотека ги одбра најчитателите за 2024 година

Вчера беше одбележан 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право.
 |  инфодеск  | 

На пригодна свеченост вчера во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше одбележан 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право.

Светската порака посветена на Денот на книгата од госпоѓа Одре Азуле генерална директорка на УНЕСКО ја пренесе м-р Мариче Боздоганова:

– На Светскиот ден на книгата и авторското право во 2025 година, УНЕСКО ја слави моќта на книгите да ја поттикнат имагинацијата и да го обликуваат општеството. Додека ја одбележуваме 30-годишнината од овој Светски ден, истовремено се осврнуваме и на напредокот во промовирањето на писменоста и на универзалниот пристап до книгите, но ги согледуваме и предизвиците што остануваат. Во изминатите три децении, УНЕСКО се посвети на промовирање на книгите и поттикнување на културата на читање не само преку своите 53 креативни градови на литературата, туку и преку мрежата на светски престолнини на книгата. Годинава, Светската престолнина на книгата за 2025 година – Рио де Жанеиро во Бразил, ќе покаже како книгите можат да предизвикаат општествени промени и да создадат одржливи економски придобивки, на пример преку Парадата на книгите и со отворање нови библиотеки во најранливите делови на градот, стои во пораката на Азуле.

Годинава македонската порака за книгата е дело на професор д-р Славица Велева а ја пренесе библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска:

-Токму преку книгите, еден јазик станува глас, сведоштво, наследство. А македонскиот јазик – нашиот мајчин и државен јазик – пред осум децении, првпат го доби своето институционално кодифицирање, своето право на објавен збор, во учебник, во книга. Затоа, денешната прослава добива двојно значење. Го славиме зборот, но и правото на збор. Го славиме авторот, но и правото на свој јазик преку кој авторот може да создава, да зборува, да сонува. Го славиме авторското право – како продолжение на таа борба за признавање на креативноста, заштита на трудот и вреднување на умот. Нека оваа 80-годишнина не биде само одбележување на минатото, туку поттик за иднината. Нека нѝ биде потсетник дека сме должни да го негуваме јазикот што ни е пренесен од раѓањето, да ги вреднуваме оние што пишуваат и да создадеме услови во кои идните генерации ќе можат слободно, достоинствено и со љубов да создаваат на својот мајчин јазик, затоа што народите кои зад себе не оставиле никакви писмени сведоштва, а и не биле споменато од други, исчезнале од историјата и биле заборавени засекогаш, напиша д-р Велева.

Светската порака посветена на Денот на книгата од госпоѓа Одре Азуле генерална директорка на УНЕСКО ја пренесе м-р Мариче Боздоганова:

Библиотекарите Коста Трифуноски и Никола Ристовски ги доделија заслужените признанија и благодарници на присутните за минатата 2024 година.

За најчитател во детското одделение е прогласена Марија Димова Наумоска, со 41 прочитана книга. Втор е Филип Кордоски со 40 и неговиот брат Александар со прочитани 30 книги е трет. Најчитател во одделението за возрасни во текот на минатата година е Весна Атанасоска  со 175 прочитани книги. Втора е Светлана Апостолоска со 120 и трета е Снежана Мукоска со прочитани 118 книги. И минатата година највозрасен читател беше Благородна Тасевска, родена 1932 година  а за најмлад читател е прогласена Маја Наумоска, родена 2022 година. Исто така, на 30 донатори на книги им беа врачени благодарници за направениот гест.

Истовремено беа прочитани најбараните книги од домашни и светски автори во одделите за деца и возрасни.

Свечениот настан со прекрасните музички настапи го збогатија учениците од ООМУ „Методи Патче“, Димитар Јанкуловски и Виктор Србиноски на виолина и обајцата од класата на проф. Елица Рашкова, информираат од Библиотеката.