Skip to main content

Саем за образование и кариера по трет пат во Охрид

Идните средношколци и студенти денеска имаа можност да се запознаат со наставните програми и можности кои ги нудат средните училиштата и високо образовните институции во Охрид и државата. Саемот за образование и кариера кој по трет пат се одржува во Охрид им дава на младите поддршка за избор на средно училиште, факултет, идна професија и планирање на сопствената кариера.
 |  Маја Савиќ  | 

Средните училишта од Охрид и 11 високообразовни институции од земјава ги претставија нивните програми и можности за учење пред охридските основци и средношколци на третиот Саем за образование и кариера, во организација на Младински Центар Охрид. Саемот  им дава на младите поддршка за избор на средно училиште, факултет, идна професија и планирање на сопствената кариера.

На едно место тие имаа можност да се информираат, да поставуваат прашања и да добијат насоки кои ќе им бидат од помош при носењето на одлука каде да го продолжат своето образование.  Иако во последните години постои тренд кај младите да заминуваат на странски универзитети, средношколците кои ги анкетиравме својата иднина ја гледаат дома.

СРЕДНОШКОЛЦИ АНКЕТА

-Јас размислувам за Македонија бидејќи имаме доста можности тука. Нашата држава си нуди, гледам полека младите работат, се трудат нешто да направат во  нашава држава и тоа ме мотивира и јас да продолжам тука.

-Сега за сега планирам да продолжам во Скопје да студирам на Машински факултет. Најмногу ме интересираат машинските предмети и математиката  па би продолжила или производно машинство или термоенергетика.

– Планирам да си останам тука за студирање и размислувам помеѓу Машински факултет и УИНТ Апостол Павле. Многу сакам машински факултет да продолжам, но ме спречува дистанцата што треба да одам во друг град. Јас сум одличен ученик, сите 4 години аплицирав и не добив ниту еднаш стипендија и плус сум државен првак во мојата струка машински техничар, имам прво место а не земам стипендија. Сeпак продолжив да си учам и годинава завршувам со 5 просек и не дозволувам да ме демотивира што не ме стипендираше државата.

 На саемот учествуваа Факултети од најголемите државни универзитети Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и УИНТ „Св. апостол Павле“  – Охрид, како и неколку приватни универзитети и академии, платформи и организации за неформално образование и охридските средни училишта. Сите имаат стратегии за привлекување на матурантите со атрактивни програми,  мобилност и размена  на знаења.

-Стратегијата е да се оди на што поголема вклученост на студентите, можност за практична работаво компаниите, кое ние го обезбедуваме преку нашата мрежа за соработка. Не заостануваме затоа што и ние се трудиме да обезбедиме стипендии , можности за вработување , посткариерно советување и нашата алумни мрежа доста придонесува во сето тоа. Сметам дека со прокетите кои сега ги имаме ќе успееме да ги задржиме повеќето млади., вели Александар Карадимче од УИНТ „Св Апостол Павле“ – Охрид.

Од минатата година Замјоделскиот факултет при УКИМ Скопје бележи благ пораст на студенти, но сепак, споредено со пред 20 години се уште е мал бројот на млади кои студираат земјоделски науки.

-Храната е најважна за егзистенција и сметам дека треба да биде многу поголем бројот на студенти кои ќе се запишуваат на овај факултет затоа што тоа е многу благородна професија , произведувате храна. Ние видовме колкава е потребата од храна и колку сме зависни кога беше Ковид пандемијата кога се затворија границите и не можевме да направиме увоз, тогаш се виде потребата. Сметам дека во следните години ќе расте интересот кај студентите. Во блиска иднина, храната, чистата вода и воздух ќе бидат луксуз., вели Александра Силовска Николова од Факултетот за земјоделски науки УКИМ Скопје.

-Меѓутоа и дипломите што ги  добиваат од кај нас, конкретно од УКИМ се сосема доволни сами по себе затоа што последниве години се нудат програми кои им нудат мобилност на самите студенти и имаат можност еден до два семестри да ги завршат надвор од државата, меѓудругото добиваат меѓународно признати допломи кои можат да ги нострифицираат и накратко кажано заклучокот е дека станува збор за некаков тип на помодарство., вели Билјана Ристаќовска Ширговска од Факултет за земјоделски науки УКИМ Скопје.

Интересот за техничките факултети е константен во изминатите години.  Од програмите најпопуларни се мехатроника, дизајн и енергетските смерови.

-Интересот главно го диктира индустријата во Македонија, како што се отвораат фабрики во некои градови, како на пример Дрекслермаер во Кавадарци имавме повече студенти од таму. И за другите градови истото важи. Такашто ако се засили индустријата, што зависи од политиката на државата, ќе се зголеми и интересот за студирање дали на машински, дали на електро или другите факултети. Има во Скопје фирми, во индустриска зона, има и во Охрид и во Струга компании како Костал, Магна, влечат многу машински инжинери, има иднина., изјави Александар Герасимовски – Доцент на Институт за термичко инженерство.

ФТУ Охрид како најстара високообразовна институција од областа на туризам во земјава со 50 годишна традиција во продуцирање кадри во последните години бележи зголемеување на интересот за одредени насоки.

– Нашите статистики говорат дека до овај момент имаме преку 5000 дипломирани студенти. Во поново време нашите насоки Гастронимија и Менаџмент во услужен сектор во последно време се доста актуелни и атрактивни за младите. Особено готварството како посебна наука се актуелизира и веќе е доста платена., вели Елена Ќосеска од ФТУ – Охрид.

На учениците кои го посетија денешниот Саем во Младинскиот центар им беше на располагање и кариерно советување. Тие имаа можност за индивидуални сесии со професионални кариерни советници од Асоцијацијата за советници за развој на кариера.