Skip to main content

Македонија одбележа 122 години од смртта на револуционерот Гоце Делчев

Македонија денес одбележува 122 години од смртта на Гоце Делчев, организатор и водач на Македонската револуционерна организација. Загина на 4 мај 1903 година во борба кај селото Баница, Серско.
 |  инфодеск  | 

Македонија денес одбележува 122 години од погибијата на националниот херој и клучен деец на Македонската револуционерна организација – Гоце Делчев.

Одбележувањето започна со Панихида, отслужена од страна на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.

Пред вечниот покој на македонскиот великан Гоце Делчев, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, свежо цвеќе положи Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

122 години не се само бројка, тие се вековно сведоштво за жртвата, визијата и неуморната борба на човекот што веруваше во слободата, во правдата и во достоинството на својот народ. Гоце Делчев не беше само револуционер, тој беше идеја, пламен што и ден денеска гори во срцата на сите кои ја љубат Македонија. Неговите зборови дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите ни се вечен завет, да се бориме со знаење, со достоинство и со единство за напредна, праведна и горда Македонија. Да не дозволиме времето да ги избрише вредностите за кои тој се бореше. Да го чуваме сеќавањето на неговото дело и да ги втемелиме неговите идеали во иднината што ја градиме за нашите деца, изјави премиерот.

И Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште во дворот на црквата „Свети Спас” во Скопје.

Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи, изјави Претседателката Сиљановска-Давкова.