Skip to main content

Охридските средношколци, наставници и родители трчаа на хуманитарна трка за Кочани

Во Охрид денеска се одржа хуманитарна трка за помош на семејствата на жртвите во нереќата во Кочани. На настанот „Од срце трчај, од срце дарувај за Кочани” учествуваа над 500 ученици од охридските средни училишта, професори и родители. Собраните средства ќе бидат донирани преку Црвен Крст онаму каде што е најпотребно.
 |  Маја Савиќ  | 

Околу 500 средношколци од охридските училишта денеска трчаа за поддршка на семејствата на жртвите во несреќата во Кочани. Учениците преку хуманитарната трка „Од срце трчај, од срце дарувај за Кочани” ја искажаа својата почит кон младите кои го загубија животот и солидарност кон семејствата на жртвите во една од најголемите трагедии во поновата историја нашата држава.

– „Да помагаме,да сме хумани, да се сакаме , да сме едни за други секогаш тука и оваа сплотенодт што денес ја имаме тука со сите средношколци со сите родители, со сите наставници, баш е еден знак за тоа дека сите треба да сме сплотени.“ – изјави Стефанија Битолкоска од Ученичка заедница на СОСУ “Св.Кирил и Методиј”

-„Нормално нас како млади не погоди трагедијата и затоа целиме да направиме нешто со што ќе можеме да им помогнеме на погодените”. Активно сите млади се вклучени, сите средни школи се вклучени, кој со штандови , кој со трчање, да ја поткренеме свеста и да собереме средства за погодените. “ – кажа ученичката Ивана Котеска.

„Ќе трчаме во знак на почит за сите наши другари и врсници што ги загубија животите во Кочани”. – кажа ученикот Есер Миминоски .

Хуманитарната трка се реализира на иницијатива и во организација на СОСУ “Св.Кирил и Методиј”-Охрид во соработка со ЈП “Билјанини извори” и истата беше поддржана со приклучување на сите средношколски центри во градот.

„Се изненадив од одзивот позитивно. На почеток мислев дека ќе нема заинтересирани ученици, но можам да кажам дека повеќе од 500 ученици се приклучија во трката”.-Ристе Јанкоски – директор на СОСУ „Свети Кирил и Методиј” Охрид.

„Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани,институции,подржувачи и спортисти кои се вклучија во оваа трка. Со ова Охрид покажува дека е хуман и солидарен град”.-Теодор Андоноски – директор на ЈП „Билјанини Извори” Охрид

Патеката во должина од 3 км покрај ученици, ја истрчаа и наставници и родители , а на неа беа поставени и кутии за донации така што својата хуманост ја искажаа и граѓаните кои ја проследија трката на Кеј Македонија. Собраните средства преку органицазијата на Црвен Крст ќе бидат донирани на семејствата на жртвите на несреќата во Кочани.