АРХРИД со ретко убав настан „Начинот на Чипан“ го става во фокусот модернистичкото архитектонско наследство
Модернистичкото архитектонско творештво треба да биде проучено, вреднувано и соодветно третирано од аспект на денешната современост. Со цел негова афирмација младите охридски архитекти во колeктивот АРХРИД преку поттикнување архитектонски дискурс и ретроспективно согледување на проектантското и публицистичко творештво на архитектот и конзерватор Борис Чипан реализираа еден ретко убав настан насловен Начинот на Чипан. Со настанот воедно се одбележаа 70 години од изградбата на Феријалното одморалиште Младост во Охрид и излегувањето на публикацијата „Старата градска архитектура во Охрид“ и двете во авторство на Чипан.

За потенцијалот кој го носи модернистичкото наследство во Охрид и потребата од негова заштита како и начини на изнаоѓање нови содржини и облици преку кои постојните градби би биле ревитализирани, на панел дискуии зборуваа универзитетски професори, архитекти и конзерватори.
Д-р Ана Ивановска-Дескова, професорка на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје смета дека модернистичкото наследство е напуштено и запуштено. Потенцира дека Охрид е чувствителна средина како светско природно и културно наследство и специфичен пример со архитектура од многу различни периоди и секој од нив е подеднакво важен вклучително модернистичката од 20тиот век . Прилично доцниме со вреднувањето и заштитата на модернистичките згради, кажа Ивановска-Дескова.
„Имам впечаток дека oсобено во последно време немаме многу чувство за тие вредности и прилично агресивно настапуваме со просторот што ќе ни се одрази на долг рок. На времето кога Чипан ја вреднувал старата градска архитектура во Охрид, хронолошката дистанца од неговата книга до изградбата на таа архитектура е отприлика колку од денес до делото на Чипан. Тогаш во негово време можеби не била доволно вреднувана охридската куќа, јас мислам дека и денес не е доволно вреднувана, бројни примери се загубени, меѓутоа сакам да укажам дека веќе тој модернистички слој е стасан да го вреднуваме.“ – изјави Проф. Д-р Ана Ивановска-Дескова.

Самиот професор Борис Чипан во книгата ‘Старата градска архитектура во Охрид‘ ги поттикнува прашањата на модерното и старото односно нивната хармонија пријатна за око која треба да се стремиме да ја постигнеме во ова време во однос на новите објекти, и тоа е посебно важно за стари историски градови како Охрид, вели М-р Горан Патчев, виш конзерватор и директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
„Ние како НУ Завод и Музеј од досегашната конзерваторска практика доста сме работеле на средновековни цркви, градби, археолошки локалитети, меѓутоа последниве десеттина години работиме конкретно на зачувување на еден дел, да речам не толку пропагиран досега во Охрид, тоа се објекти меѓу двете светски војни од онај еклектички стил. Меѓутоа со заштитата на хотелот Палас од Едо Михевц почнуваме веќе и модерните објекти да ги заштитуваме. Во тек процес на валоризација на Историскиот архив од Ѓорѓи Константиновски и Домот на пензионери од Живко Попоски. Оваа панел дискусија оди во насока и младите да се образуваат. Да се постигне еден баланс меѓу развојот на градот и заштитата на културното наследство. Се надевам дека во иднина тоа ќе биде така.“ – кажа М-р Горан Патчев, виш конзерватор и директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

На настанот беа презентирани и две изложбени поставки кои можат да се доживеат како минато и иднина. Изложбите нудат компаративно согледување на предизвиците и процесот на работа во архитектурата во Охрид. Едната не враќа во 1955 година и ни го прикажува Начинот на архитектот и конзерватор Чипан, а втората ги презентира резултатите од интернационалниот архитектонски конкурс за одморалиштето Младост и негова ревитализација во „Наутички клуб Охрид“ промовирајќи го конкурсот како алатка за тестирање на потенцијалите на објектите.

Младата архитектка Ева Зовиќ својот магистерски труд го посвети на овој објект проектиран од Чипан за потоа истиот да биде избран од италијанската организација Terra Viva која го преточи во архитектонски конкурс на кој пристигнаа околу 114 решенија од целиот свет.
„Со овај настан ние сакаме да ја отвориме темата на архитектонскиот конкурс како алатка. Со тој конкурс, само како еден пример, сакаме да прикажеме дека архитектонскиот конкурс е единствено правилно решение кое може да ни даде многубројни начини и пристапи кон модернистичкото наследство. Дефинирањето на проектната програма и задача на секој конкурс е наша одговорност како архитекти. Оваа тема ние сакаме не само да ја начнеме туку да ја отвориме и да покажеме дека конкурсот нуди иновативни решенија и може да биде почеток како да се интервенира кај модернистичкото наследство.“ – кажа Ева Зовиќ – м-р инж. Архитект.

Бројни европски и светски примери покажуваат дека објектите од модерната е можно да се ревитализираат и со иста или слична компатибилна намена да се стават во функција и да и се вратат на заедницата.
„Ревитализацијата на објектите не е едноставна и не е евтин чекор. Прво треба тие руини да ги конзервираме, да ги реставрираме и потоа да им дадеме нова намена. Од аспект на некакво сочувување на просторот, екологијата, идеја за одржливост, ревитализацијата на постојните објекти претставува подобра стратегија отколку само рушење и градење на нови згради.“ – вели Проф. Д-р Ана Ивановска-Дескова.

Синот на Борис Чипан, архитектот Александар Чипан кој живее и работи во Австрија го искажа своето задоволство од иницијативата , осмислувањето и реализацијата на настанот од страна на колективот на млади архитекти Архрид. Во денешно, не баш розево, време обременето со тешки проблеми кога културата не е приоритет, овој настан ми дава надеж, кажа Чипан.
„ Ова е еден страшно позитивен настан кој дава искрени надежи. Јас искрено работам на архитектура, познавам колеги од Архитектонскиот факултет од сите генерации , од тие на татко ми до новиве, сигурно дека не сум се надевал дека во оваа насока нешто може да се случи од младиве генерации…..но навистина ова е еден извонреден позитивен пример посебно што темата е погодена , темата е погодена во срж.„ – кажа Александар Чипан.

Колективот АРХРИД настана кога десеттина млади архитекти, сите по потекло од Охрид, по рушењето на ресторанот Парк, наградувано дело од архитектот Павел Балабанов, се обединија со цел подигнување на свесноста на граѓаните за вредностите на архитектурата и урбанизмот.
„Се трудиме преку едукација и промоција на некој начин да стигнеме до луѓето од кои зависат работите и да промениме нешто. Модернистичкото архитектонско наследство е само еден слој од слоевите што ги има Охрид и е многу важен и според нас не треба да го бришеме затоа што Охрид е редок град во кој можеме како жив пример да ги гледаме сите тие слоеви на архитектура и култура.“ – изјави Стефан Назифовски – архитект, АРХРИД.
Настанот „Начинот на Чипан“, АРХРИД колектив го организира со финансиска поддршка од Општина Охрид и Комора на овластени архитекти и овластени инженери на РМ, во партнерство со TerraViva. За сите кои не го посетија, а содржините ги заинтригираа, истите се поместени и во печатено издание во публикацијата „Начинот на Чипан“.
Фотографии: Раде Гогоски, Мила Гавриловска, Зоран Вељаноски